ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ампева: Не треба да има политичко покачување на платата за партиите да им се допаднат на гласачите

Гласен Текстилец - Кристина Ампева/ФОТО: Screenshot/Youtube

Работничките права се подлога на сите други граѓански права, бидејќи 99% од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Во Македонија работниците постојано се борат за подобар стандард, но во континуитет и за поголеми права.

Претседателот на здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, говореше на оваа тема за емисијата „Утрински печат“.

Ампева истакна дека македонските партии кога се во опозиција им даваат апсолутна поддршка за нивната работа на терен, но откако ќе дојдат на власт, тогаш им пречи гласот за работнички права.

– Се додека „Гласен текстилец“ им помага на работниците, ќе знам дека работам добро, не ме засегаат обинувањата дека одработувам и дека сум странски платеник. Не очекував од левичарска партија напади кон здруженија кои се борат за работничките права. Не очекував дека после четири години волонтерска работа кога трпев сериозни навреди од синдикалците, не од работодавачите, да дојде трета нова министерка во клучното министерство за труд и социјала и ние како здружение да бидеме отстранети од таа работна група … Од истата влада во мандатот на претходните две министерки како здружение бевме дел од тие групи, а денес откако дојдете новата министерка ние на некого му пречиме, не разбирам зошто… па затоа и прашувам … на кого му пречиме?, рече таа.

Кристина Ампева потенцираше дека сo активирањето на невладините здруженија, како и борбата за правата на работниците, народот се уште ќе немал информација дека во оваа држава постојат синдикати.

– Синдикалците очигледно работат за туѓи интереси, за разлика од нашето здружение кое единствено работи за работничките права, веројатно заради ова им сметаме … Толку ли се неспособни нашите синдикалци, од што се плашат? Требаше да излезам со објава на мојот Фејсбук профил за новиот предлог закон и да кажам дека ова не чини, а потоа да се појават во јавноста и тие … Синдикалците имаа можност да седнат на маса и да го направат новиот закон, а сега велат дека не биле задоволни од истиот, не знам зошто ја лажат јавноста!?, потенцираше Ампева.

Во поглед на давањето К-15, работите во Македонија почнуваат да се подобруваат особено во приватниот сектор, а последен таков пример е изминатата година.

-Имаме позитивно искуство за 2022-та година, работите очигледно се променија на подобро, иако се уште постојат изолирани случаи. Сепак, граѓаните сега се ‘ повеќе си ги знаат своите права, па знаат и каде да се обратат доколку некој работодавач одлучи парите да им ги одземе назад, истакна претседателот на „Гласен Текстилец“.

Што се однесува до минималната плата, според Ампева, не треба да има политичко покачување на истата за да партиите им се допаднат на гласачите.

– Постојат параметри по кои треба да има покачувања, денешната плата не е соодветна со трошоците на месечната семејна кошница во Македонија. Треба да се угледаме на владата во Црна Гора, која во мината година за четири месеци ја покачи просечната плата за околу 300 евра, инспекторите ги ставија во служба на работниците, а се со цел да создадат реална конкурентност на пазарот на трудот. Прогресивно оданочување треба да се зема од оние кои навистина имаат и се екстремно богати. Не можете да и даночите на семејна фирма која плаќа редовно даноци на државата и постојано навремено исплаќа плати, а од друга страна да ги аминувате олигарсите, кои нажалост ја опустошија оваа држава!, изјави таа.

Приоритет на „Гласен Текстилец“ е борба за подобрување на правата на работниците на долгорочен план.

– Ајде да воведиме плата за живот, граѓаните со овие примања веќе не можат ниту да преживеат. Македонија има најголема стапка на инфлација во Европа. Според нашите калкулации, платата за живот во 2021-та година изнесувала 52.235 денари, сума која не може да се спореди со онаа на ССМ од 34 000 денари. Кај нашиот синдикат, во ставката за одржување на здравје за месец септември во 2021-та биле предвидени мизерни 736 денари. Не можете да лобирате за плата која не може да ги покрие реалните трошоци, денес, само витамин Ц во аптека чини 500 денари. Заради ваквиот систем на кој подлежи нашата држава младите си заминуваат. Врски мораме да фатиме за било каква работа што треба да ја завршиме во државните институции, јас сум скептик дека некој би сакал да дојде и да работи под вакви услови во Македонија, нема логика да увезуваме работна сила, кога и нашите граѓани од година во година се’ повеќе се иселуваат од истата, потенцираше Ампева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот