ВИДЕО: Интер ја оправда фаворитската улога против Удинезе во италијанската Серија А

фото: EPA-EFE/MATTEO BAZZI

Фудбалерите на Интер во 23 коло во најквалитетното италијанско фудбалско првенство го совладаа тимот на Удинезе со резултат 3:1. На денешниот меч во составот на Удинезе не беше македонскиот напаѓач Илија Несторовски поради повреда.

Тимот од Милано го забележа третиот триумф во последните четири натпревари, со едно реми, а со 47 бодови е второпласиран на табелата со 15 бодови помалку од лидерот Наполи, додека Удинезе е деветти со 30.

Интер поведе во 20 минута со голот на Ромелу Лукаку од пенал. За силниот белгиски напаѓач, кој имаше многу проблеми со повреди во текот на сезоната, тоа беше само втор гол во првенството, односно прв од август и дуелот со Лече на стартот од Серија А.

Гостите не беа обесхрабрени од водството на „нераѕурите“, а Санди Ловриќ го постигна израмнувачкиот гол за тимот од Удине во финишот на првото полувреме.

Нова предност на домашните им донесе Хенрих Мхитарјан со прекрасниот гол од работ на шеснаесетникот во 73 минута. Триумфот на играчите на тренерот Симоне Инѕаги го „завери“ Лаутаро Мартинез во 89 минута. Тоа беше 13 гол сезонава за аргентинскиот напаѓач.

Во следното коло Интер ќе гостува кај Болоња, а претходно на стадионот „Џузепе Меаца“ ќе го пречека Порто во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите, додека Удинезе на „Дачија арена“ ќе игра против Специја. Во саботата се одиграа уште два меча, Милан славеше кај Монца со 0:1, додека Болоња беше подобра од Сампдорија (1:2).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот