ВИДЕО | Андоновиќ: Вучиќ пред парламентот за европскиот договор, опозицијата бара отфрлање

Анализа со Дејан Андоновиќ/ Фото Слободен печат

Во српскиот парламент денеска се одржува посебна седница за Косово на која ќе се расправа за преговарачкиот процес со Приштина. Претседателот Александар Вучиќ, кој ќе присуствува на седницата, најави дека на пратениците ќе им го претстави француско-германскиот план, но тој документ не им го достави.

Според најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, расправата би можела да трае три дена. Извесно е дека на дневен ред ќе биде и извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции во Приштина, почнувајќи од 1 септември до 15 јануари.

Станува збор за документ поддржан од Владата на Србија, односно од Канцеларијата за Косово и Метохија, кој се однесува на техничкиот дијалог и во кој се детализирани насилствата врз Србите во изминатите неколку месеци.

Она што се очекуваше да биде главна тема на расправа во парламентот беше француско-германскиот или европски предлог за Косово, но пратениците нема да го видат. Сепак, Вучиќ најави дека ќе зборува за него.

Тој изјави дека е подготвен да биде во Собранието два до три дена, „колку што трае дискусијата“.

„Другите претседатели, кога доаѓаа, ги рецитираа своите говори и го напуштаа парламентот. Јас сум единствениот кој по четврти пат учествувам во дебатата. Подготвен сум да останам два-три дена, колку што трае дискусијата во парламентот, да не излегувам. Направив се чесно и ќе се борам за мојата земја се додека можам и додека сум претседател во согласност со мојот уставен мандат, не пречекорувајќи го ниту еден момент“, рече Вучиќ.

Претходно , Вучиќ изјави дека доколку Србија не го прифати француско-германскиот план за Косово, кој предвидува членство на Косово во одредени меѓународни организации, ќе се прекинат преговорите со ЕУ и Брисел ќе ги повлече инвестициите, па дури и ќе го врати визниот режим за српските граѓани.

Досега беа објавени неколку неофицијални верзии на тој план, а најголемо внимание привлече точката во која се опфаќа членството на Косово во ОН, односно го опфаќа членството во сите меѓународни организации каде смета дека треба да се интегрира. Според нон-пејперот, објавен од весникот „Албанија пост“, се споменуваат повеќе меѓународни организации, а тоа се Советот на Европа, Европската унија и НАТО.

Опозицијата смета дека седницата е беспредметна доколку пратениците не стигнат да го видат француско-германскиот предлог.

Дел од опозицијата до српскиот Парламент поднесе предлог за резолуција за Косово, со која се предвидува отфрлање на „германско-францускиот план“, бидејќи го загрозува територијалниот интегритет и суверенитет на Србија.

Во Резолуцијата за основните начела за натамошно политичко дејствување за заштита на државните и националните интереси на Косово и Метохија, се наведува дека „Србија, во согласност со својот Устав, волјата на граѓаните и меѓународното право, не признава и никогаш нема да ја признае, изречно или премолчено на кој било начин, еднострано прогласената независност на Автономната покраина Косово и Метохија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот