Ветеранот Ѓукановиќ против „некои нови деца“

Црна Гора - Фотографија ЕПА, Борис Пејовиќ

На „вечниот“ политичар што повеќе од 30 години е претседател или премиер, ќе му се спротивстават неколкумина опозиционери, но и еден од најпопуларните „инфлуенсери“

Опозициски лидери, случаен кандидат, па и инфлуенсер без трошка политичко искуство, ќе се обидат да го совладаат актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ на изборите в недела.

Ветеранот со повеќе од 30-годишно искуство на разни функции во Подгорица и овој пат е фаворит да освои уште еден претседателски мандат, но не се очекува тоа да го направи уште во првиот круг од изборите, за што би му биле потребни 50 отсто од гласовите. Ѓукановиќ ја брани функцијата по неколку бурни години во кои неговата Демократска партија на социјалисти (ДПС) ја изгуби власта.

Негови главни политички противкандидати се Андрија Мандиќ, на чело на коалицијата За иднина на Црна Гора, Јаков Милатовиќ од Движењето Европа сега, Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора, Горан Даниловиќ од Обединета Црна Гора и единствената дама меѓу кандидатите, Драгиња Вуксановиќ Станковиќ од Социјалдемократската партија на Црна Гора. Најголемото изненадување на гласачкото ливче е името на Јован Радуловиќ, кој настапува како независен кандидат, а на јавноста многу повеќе ѝ е познат како Јоџир – „инфлуенсер“ со близу четвртина милион следбеници на платформата Инстаграм.

Радуловиќ бил дете кога неговиот противкандидат Ѓукановиќ веќе бил на функција, а сега настојува да му се спротивстави со својата популарност во виртуелниот свет. Ако сите следбеници на Јоџир го поддржат на гласачките места, Радуловиќ секако би станал претседател уште во првата рунда. Најмладиот кандидат тврди дека најголемата предност му е тоа што нема ни секунда политичко искуство.

– Единствените промени во Црна Гора може да ги донесе човек што не доаѓа од политиката, туку од народот, човек што ги разбира луѓето и не живее од народни пари – вели Радуловиќ.

Мило Ѓукановиќ/ Фото Savo PRELEVIC / AFP / Profimedia

Кампања со спонзори

Ненавикнат на масовни митинзи, тој ја води кампањата на „својот терен“ – на социјалните мрежи, кои ги користи не само да ги прошири своите идеи, туку и да заработи, рекламирајќи ги своите спонзори. Неговите пораки се дека ќе се залага „за подобар статус на спортистите и за „создавање фонд за да им се помогне на болните граѓани“.

– Секој работоспособен граѓанин ќе има обврска да издвојат од платата 1 евро за тој фонд, наместо едно дојч-кафе што би го испил со некој на кој можеби не сака да му ги види очите – вели Радуловиќ.

Иако важи за аутсајрдер, политичките противници го обвинија дека фалсификувал некои од потписите што му биле потребни за да ја потврди кандидатурата. Некои медиуми пишуваа и дека по предавањето на пријавата „го виделе како слегува од катот на кој се просториите на владејачката партија ДПС“.

Меѓу аутсајдерите е и Јаков Милатовиќ, кој сосема случајно е кандидат за претседател. Движењето Европа сега за кандидат го избра партискиот лидер Милојко Спасиќ, но неговата кандидатура била одбиена поради проблеми со адресата на живеење и двојното државјанство.

Милатовиќ беше министер во кратоктрајниот владин кабинет на Здравко Кривокапиќ по смената на ДПС. Европа сега, движењето што победи на локалните избори во 2022 година, всушност е името на економската програма што ја предложил заедно со Спасиќ.

– Мислам дека Црна Гора очекува нови идеи, а тие доаѓаат со нови луѓе, кои виделе свет, кои имаат знаење, меѓународно искуство и кои навистина можат да ја променат Црна Гора – вели 37-годишниот Мијатовиќ. Во кампањата тој говореше за „новиот ветер ќе ги исчисти од корупција улиците во Подгорица“.

Жените доаѓаат“

Опозицијата не успеа да договори единствен кандидат што би можел посериозно да ја загрози позицијата на Ѓукановиќ. Граѓанскиот блок има двајца кандидати. Алекса Бечиќ (35), кој веќе беше спикер на Собранието, е кандидат од партијата Демократска Црна Гора што самиот ја основал. Во кампањата настапи со слоганот „Жими честа“, а доби поддршка од премиерот во заминување Дритан Абазовиќ.

– Живеам за Црна Гора во кое прашањето дали некој е чесен е поважно од етничкото потекло. Во сите општини што ги посетувам народот сфаќа дека на националистичките политичари им е битно да посочат предмет за омраза, кога немаат ништо свое да понудат – вели Бечиќ, кој е убеден дека ќе влезе во вториот круг од изборите.

Кога пред пет години заврши на третото место, Драгиња Вуксановиќ Станковиќ беше првата жена во историјата што се кандидирала за претседател на Црна Гора. Иако во 2018 година освои само 8 отсто од гласовите, Вуксановиќ Станковиќ денес е убедена дека ќе победи.

– Да не ми беше тоа целта, немаше ни да влегувам во претседателката трка – вели кандидатката за Би-би-си, додавајќи: „Жените доаѓаат“.

Споредувајќи што ја охрабрило, Вуксановиќ Станковиќ вели дека таа не се променила, но значително се променила Црна Гора „и тоа на многу лошо“.

– Пред нас е крстопат, на кој граѓаните треба да изберат дали Црна Гора ќе се врати на забрзаниот пат кон Европската Унија или ќе дозволиме да заталкаме во антиевропски и антизападен ќорсокак, како во деведесеттите години, кога ја следевме великодржавната политика на Белград – вели Вуксановиќ Станковиќ.

Мек дуел на ветераните

Андрија Мандиќ е најискусниот противкандидат на Ѓукановиќ и со него имал многу жестоки судири. Противниците го обвинуваат дека го застапува „великосрпскиот национализам“ и дека соработува со властите во Белград. Во кампањата беше потсетено дека пред три години тогашниот српски министер за одбрана Александар Вулин го одликувал Мандиќ и му предал сабја поради „заслуги за одбрана на Сојузна Република Југославија во судирот со НАТО“.

Несвојствено за себе, Мандиќ овој пат води „мека“ кампања, без силни напади врз Ѓукановиќ и со најави дека „ја води Црна Гора на патот на помирување, за да може сите народи да ја чувствуваат како своја и да ја сакаат“.

– За да се случи тоа, мораме да им подадеме рака на граѓаните и јас го правам тоа. Важно е луѓето да знаат дека можеме да работиме заеднички и затоа се извинувам поради пресилните зборови што сум ги кажал во изминатиот период – изјави Мандиќ (58). На една од телевизиските дебати тој порача дека Ѓукановиќ не го смета за непријател, туку само сака Црна Гора да оди напред.

И актуелниот претседател, несвојствено, одговори со помирувачки тон и со почитување кон најголемиот противкандидат. Разочарани останаа гледачите што очекуваа меѓусебни навреди и на директниот телевизиски дуел помеѓу Ѓукановиќ и Мандиќ. Поранешниот премиер Кривокапиќ ова го цени како „бесрамна соработка под житото“.

– Потребни им се приземни и подземни теми, за да продолжат да го делат овој народ. Запаметете драги граѓани, тие договорија дуел за да се засилат еден со друг – оцени Кривокапиќ.

„Вечниот“ Ѓукановиќ, сепак, е главен фаворит, а во таков тон е и слоганот на неговата предизборна кампања: „А кој друг?“. Мило Ѓукановиќ прв пат стана претседател во 1998 година, кога Црна Гора сѐ уште беше во заедница со Србија, втор пат во 2018 година, а во меѓувреме уште седум пати беше на чео на владата.

Во кампањата постојано ги обвинуваше противкандидатите дека повеќе ја застапуваат Србија отколку Црна Гора, но тврди дека „нема ништо против српската, туку против великосрпската политика“. Тој е апсолутно сигурен дека ќе победи и дека тој лично ќе ја воведе Црна Гора во Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот