Вештачка интелигенција може да предвиди рак на панкреас 3 години пред дијагнозата

Фото: Профимедиа

Алатка за вештачка интелигенција (AI) користела медицински картони за да ги идентификува луѓето со најголем ризик од рак на панкреасот до три години пред дијагнозата во неодамнешната студија.

Кога ракот на панкреасот е рано дијагностициран, околу 44 отсто од пациентите преживуваат најмалку пет години, но само 12 отсто од случаите се дијагностицираат доволно рано за тој исход. Кога новодијагностицираните карциноми на панкреасот веќе метастазирале, помалку од 10 отсто од пациентите сѐ уште се живи пет години подоцна, пренесува Ројтерс.

Иако постојат евтини тестови за следење на ракот на дојката, грлото на матката и на простатата, не постојат такви алатки за рано откривање на ракот на панкреасот.

Без јасна индикација дека некој е со висок ризик за рак на панкреасот, лекарите не можат да нарачаат скапи тестови како што се компјутерска томографија (КТ) или магнетна резонанца (МРИ) само за скрининг, велат истражувачите во нивниот извештај објавен во „Нејчр медисин“ (Nature Medicine).

Нивната нова алатка за вештачка интелигенција е развиена и обучена со помош на девет милиони записи за пациенти од Данска и САД. Научила да идентификува обрасци кои укажуваат на зголемен ризик од рак на панкреасот во следните три години врз основа на тоа дали пациентите имале одредени состојби кои се појавуваат во одредена низа со текот на времето.

Тие состојби вклучуваат дијабетес, жолтица, камен во жолчката, анемија, висок холестерол, други болести на панкреасот, дебелина, губење на тежината, воспалителна болест на цревата и рак на дебелото црево, пишува „Нејчр медисин“.

„Ракот постепено се развива во човечкото тело, често во текот на многу години и прилично бавно, додека болеста не завладее“, вели Крис Сандер, истражувач во студијата и водач на лабораторија која работи на Одделот за системска биологија на Харвард.

Ракот на панкреасот е еден од најсмртоносните во светот и се предвидува дека неговиот број ќе се зголемува, велат истражувачите.

„Со разумно точен метод за предвидување на ризикот од рак, можно е соодветните пациенти со висок ризик да се насочат кон програми за надзор и да се фокусираат скапите скрининг тестови на тие лица“, заклучиле научниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот