Венецијанската комисија даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители, оценувајќи дека тие се усогласени со европските стандарди и принципи за професионално, транспарентно и ефикасно обвинителство.
Фото: Министерство за правда

Венецијанската комисија даде позитивно мислење за Предлог законите за јавно обвинителство и за Советот на јавните обвинители

Венецијанската комисија на Советот на Европа даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители, информира Министерството за правда.

Во Венеција, денеска се одржа 114-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку право – Венецијанска комисија при Советот на Европа, на која било усвоено Заедничкото мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

„Во усвоеното мислење, Комисијата даде позитивна оцена за процесот и содржината на изработените закони, поздравени се реформските напори на Министерството за правда. Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки. Дадени се и неколку дополнителни сугестии во насока на подобрување на законските текстови. Со ова, се потврдува дека законите се целосно усогласени со европските принципи за професионалност и ефикасност на јавното обвинителство, како и со стандардите за транспарентно и одговорно функционирање на Советот на јавните обвинители, се вели во соопштението од Министерствотото за правда.

На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, свое обраќање имала проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, како претседател на Работната група која ги подготви двата закона.

Министерството за правда, се вели во соопштението, ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија.

„Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба, на транспарентниот и инклузивен пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството и на заложбата за градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет,“ нагласуваат од Министерството за правда.

Двата закона се дел од Реформската агенда на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан со рок до декември 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот