Велковски од СДСМ до ВМРО – ДПМНЕ за сомнежите за нелегитимен попис: На нероден Петко капа му кроите 

Фото: МИА

Денеска пратениците втор ден дебатираа за Предлог-законот за попис. Власта и опозицијата повторно со различни ставови за тоа дали пописот треба да се одложи, зошто во текстот пишува дека ќе се попишуваат државјани, а не резидентно население и треба или, пак, не директорот и заменик директорот на државниот Завод за статистика да имаат врзани потписи. 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара пописот да биде одложен, бидејќи не се вметнати стандардите на ЕУ, ниту пак е содржана методологијата и е злоупотребено европското знаменце.

– Со вака предложен Предлог-закон се отвораат дилеми колку пописот ќе биде легален. Треба да имаме попишување по европски стандарди за што сите ќе дадеме поддршка. Ќе ве прашам, верувате ли во регуларноста на пописот и ќе можете ли при толку многу сомнежи да креирате кредибилни политики? – Ако сте толку убедени во неговиот квалитет, зошто тогаш одбивате поширока дебата со која ќе постигнеме национален, општествен и поширок консензус на кој ние како опозиција ќе кажеме во што се сомневаме, а вие со аргументи ќе нè убедите да гласаме за овој закон за попис, рече Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ. 

За СДСМ со Предлог-законот за попис ќе се овозможи попишување кое во државата не се случило цели 18 години. Европско знаменце е ставено, бидејќи законот е усогласен со четири европски регулативи.

– Јас немам сомнеж. Вие имате сомнеж. Ќе почнам со народната поговорка „На нероден Петко капа му кроите“, бидејќи сè што предлагате вие, во сè се сомневате. Имаме база на податоци и тие ќе бидат искористени во областа на пописот. Но, не ми е јасно, еве ние сме за попис, а вие од една страна велите ДА, треба да имаме попис, но нешто би можело да се случи. За тоа имаме одговорни институции кои можат да изречат глоби. Пред две години имаше усогласување на Предлог законот за попис меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ како за ниту едно друго законско решение. Попис, треба да знаете во Македонија нема 18 години и ние сметаме дека треба да има бидејќи попис прават сите држави, рече Велковски.

Утре во 12 часот продолжува дебатата за пописот кој треба да се одржи од 1 до 21 април оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот