Велес веќе цел месец без Комисија за полагање на возачки испити

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Кандидатите за возачи од Велес и поширокото подрачје на СВР Велес што ги опфаќа Кавадарци, Неготино и Демир Капија веќе еден месец не можат да полагаат за возачки испит. Лиценцата на старата Комисија за полагање на возачки испити истече во август, а нова сè уште нема.

Постапката, според Министерството за внагтрешни работи (МВР), е пролонгирана поради состојбата со ковид-19 и потенцираат дека на кандидатите за возачи од подрачјето на СВР Велес, не им е оневозможено да го остварат тоа право.

Согласно Законот за Безбедност на сообраќај на патиштата член 291 став 3, кандидатите можат да го пријават и полагаат возачкиот испит во кој било друг испитен центар во земјава, по свој избор, посочуваат од МВР.

Од МВР известуваат дека во тек е постапка за објавување на јавен оглас за избор на правно лице што ќе ги врши овие дејности на подрачјето на СВР Велес. Инаку, досегашната Комисија за полагање на возачки испити работеше од 2010 година, а лиценцата добиена од МВР истекла во август годинава.

Со ваков проблем, кандидатите за полагање на возачки испит од подрачјето на Велес и на поширокиот повардарски регион имаа и во април во 2010 година кога на Комисија чекаа цели шест месеци. Но, кандидатите тогаш освен што загубија шест месеци во чекање за полагање на возачки  цели, загубија и пари од причината што документите автоматски им беа префрлени од старата на новата Комисија, но не и уплатените средства за полагање.

Многумина од нив не добија поврат на шест и повеќе илјади денари колку што уплатиле, а некои од нив поднесоа и тужби до старата Комисија за полагање на возачки испит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот