В недела историјата сепак ќе ни чукне на врата

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Веста што вчера пристигна од Софија е фрапантна по многу нешта: тамошната изборна комисија утврдила дури 24 валидни кандидати за претседателските избори во Бугарија, за уште еден дополнително ќе одлучува дали ќе се најде на изборните листи, а на два-тројца им ги одбила кандидатурите поради неисполнување на предвидените услови што требало да ги исполнат за претседателската трка предвидена за 14 ноември годинава.

Не сум слушнал – можеби има – за друг пример во Европа, па и во светот, за олкав број официјални кандидатури во трка за претседателски мандат, како ова сега во Бугарија. Во нормални услови, претседателската функција и кај нашиот источен сосед е, главно, церемонијална, со вообичаено нешто поголеми ингеренции во дипломатијата и одбраната. И таму претседателот не решава за ништо битно во економијата и многу малку за што било друго важно од бугарското секојдневие. А, сепак, триесетина шаренолики партиско-политички формации нудат свои кандидати во претседателската трка.

Во што е проблемот, ако го има?

Голем број кандидатури во изборни натпревари – на пример, за градоначалничката функција во Скопје в недела ќе се натпреваруваат дури 12 партиски и независни кандидати – може да биде добар знак за состојбите со демократијата во една земја, бидејќи доколку луѓето не би верувале дека имаат некаква шанса во демократската трка, веројатно повеќето не би ни влегувале со своја кандидатура. Од друга страна, кандидатската суперинфлација несомнено говори и за одредена криза во политичкиот амбиент, за нестабилност, непредвидливост, а секако и за конфронтираност и какофонија околу тоа кој за што се залага во своите изборни платформи.

Второво е описот на бугарската политичка состојба пар години наназад. Бугарското општество не е на крстосница, туку се врти на голем кружен политички тек од кој не може да го „погоди“ излезот ни со неколку вонредни парламентарни избори годинава. Со олку претседателски кандидати, така ќе биде и со изборот на следниот бугарски претседател: кој и да победи на тие избори, ќе претставува мал дел од гласачите, а ќе треба да придонесе во консолидацијата на парампарчињата на кои е распадната бугарската политичка и општествена сцена. Речиси невозможна мисија, на краток рок.

Зошто е тоа важно за нас? Погаѓате…

Нема особени причини да не веруваме дека сите 24-25 пријавени бугарски претседателски кандидати веројатно се согласуваат во една единствена работа: Македонците не постојат, немаат нација, немаат свој јазик и не треба да се пуштат во ЕУ додека не ја сменат „историјата“ и однесувањето коешто го тврди спротивното. Оваа генерализација е упростена, но нијансите во ставовите, и да ги има, се само варијации на истата тема. Тоа значи дека и новиот бугарски претседател ќе нема политички капацитет, ниту позначајна поддршка, за учество во изнаоѓањето компромисно преоѓање на „Рубиконот“ на македонско-бугарските односи. Победата, пак, на тамошните избори на некој од поизверзираните и политички поискусни кандидати може да ги олесни натамошните „тегавења“ меѓу Скопје, Софија и Брисел; ако ништо друго, постизборно, процесот нема да почне „од нула“, вклучувајќи ги и сите изречени и неизречени меѓународни притисоци кои досега се правеа врз Бугарите за да го „рационализираат“ својот став во однос на започнувањето на преговорите на ЕУ со Македонија и со Албанија.

Евентуалната победа на некој од „случајните“ претседателски кандидати, некој аутсајдер качен на бранот на општото бугарско незадоволство од тамошната политика, ќе претставува значителна регресија во „фонот“ што го создава и личноста на бугарскиот претседател за прашањата што ќе треба да ги решава тамошното ново парламентарно, односно владино мнозинство.

Конечно, и оваа рекордна бројка на претседателски кандидати го најавува продолжувањето на парламентарниот – груб е, но нема поточна квалификација – постизборен хаос што ќе следува во Бугарија и по следните вонредни парламентарни   избори седиментот на бугарската политика нема да стане поцврст, за врз него да може посигурно да се „згазне“ во изнаоѓањето решение за евроинтегративната политика на Западниот Балкан. Ако успеат, ќе направат нова комплицирана мнозинска влада во која секој ќе има бројни партикуларни интереси за задоволување, а мали се изгледите дека балансот во таа нестабилност ќе се постигне баш за компромис околу „македонското прашање“.

Веќе од понеделник ќе ги знаеме и резултатите на македонските локални избори. Тие, сакале или не, несомнено ќе влијаат врз стабилноста и позициите на сегашнава наша Влада по сите прашања, па и по она за нашите европски перспективи. Впрочем, во самите предизборни кампањи и оваа „нелокална“ тема беше екстензивно третирана на инсистирање и на самите партиски лидери. Според тоа, ќе видиме дали политичките околности во Македонија ќе тргнат кон поголема стабилност или кон растечка политичка неизвесност. За да биде тој правец што поуверливо утврден, важно е што повеќе гласачи во Македонија, во беспрекорно демократско гласање, изборно да ја искажат својата волја. Тоа е важниот историски аспект на овие локални избори – за да можеме, потоа, да решаваме други „истории“ со нашите бесценети источни соседи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот