Усвоена предлог-одлуката за времен мораториум на градење и донесување урбанистички планови во Охрид

Советот на Општина Охрид денеска на седница ја усвои предлог-одлуката за мораториум на градење и донесување урбанистички планови, како и легализација на објекти до донесување на Планот за управување со светскиот природно и културно наследство на Охридскиот регион, или најдоцна до 1 февруари идната година.

Со оваа одлука практично се усвојуваат препораките што ги донесе Владата на 146-тта седница од 23 минатиот месец, препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ја поздрави одлуката на советниците да се подржат активностите во насока на зачувување на заштитениот статус на градот под УНЕСКО.

– После завршувањето на 143-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО секојдневно работиме на исполнување на дадените владини задолженија, со цел Охридскиот регион да не биде впишан на листата загрозени светски наследства. Изготвивме акциски план во кој се опфатени сите чекори, постапки, активности за наредниот период, што се однесуваат на исполнување на препоракиете на Комитетот на УНЕСКО, а се во надлежност на Општината – рече Георгиески, истакнувајќи дека за деталите на планот јавноста биде запознаена дополнително.

Тој нагласи дека со усвојувањето на Предлог-одлуката за времен прекин на донесување и спроведување урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, започнува реализациј а на активностите на Акцискиот план.

– Тоа значи дека од денеска се воведува времен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко –плански документации на проекти на територијата на општината. Исто така времено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање одобренија за градење, за надградба и доградба после стапување во сила на оваа одлука. Сите постапки со добиено правосилно одобрение на градење можат да продолжат со реализација – рече Георгиески.

Градоначалникот ја искористи можноста пред медиумите да нагласи дека политичката волја и посветеноста да се постапува по насоките на стручните тела на УНЕСКО е значаен исчекор споредено со претходните власти.

– Остануваме отворени за соработка со сите политички општествени чинители во државата. Во целокупниот процес очекуваме поддршка од граѓаните, интерес за соработка на експертската јавност, граѓанскиот сектор, невладините организации и медумите. Убеден сум дека низ заеднички заложби ќе постигнеме значаен напредок во исолнување на сите препораки и поти Охрид ќе продолжи да биде град на УНЕСКО со кој сите ќе се гордееме- рече Георгиески кој одби да одговара на прашања на медиумите.

Опозицијата во Советот најави дека ќе ги поддржи сите работи, активности што е во интерес на градот, граѓаните и заштитениот статус во УНЕСКО.

Кирил Пецаков, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со Советот на Општината, рече дека реалноста налага градот нешто под итно да стори за зачувување на брендот што го носи статусот во УНЕСКО.

– На оваа тема требаше досега да расправаме најмалку десетпати, отаму што препораките на УНЕСКО се повторуваат години наназад. Охрид време е да ги испочитува препораките, но и да се продлабочи соработката со УНЕСКО за носење подобри решенија во урбанистичкиот развој на градот, рече Пецаков изразувајќи надеж дека ќе почне да се спречи урбаната деградација отпочната- како што рече, некаде во 2005 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот