Урнебесната комедија „Торонто експрес“ премиерно ќе биде изведена на малата сцена во МНТ

Александар Микиќ, Јордан Симонов, Зоран Спасов Ѕоф и Благоја Бошковски Буцко на прес-конференцијата за претставата „Торонто експрес“

Во Македонскиот народен театар на 15 декември премиерно ќе биде изведена комедијата „Торонто експрес“, работена по мотивите од збирката есеи „Тибам штркот“ на авторот Зоран Спасов Ѕоф. Претставата е во режија на Јордан Симонов, а главната улога ја игра Александар Микиќ.

Комедијата „Торонто експрес“ е работена според надградената (апдејтирана) верзија на книгата „Тибам штркот“, која авторот Зоран Спасов Ѕоф ја објавил пред 13 години. Делото е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија. Главниот проблем што го разработува претставата е прашањето зошто луѓето сакаат да си заминат од Македонија и да избегаат во Канада.

– Станува збор за хибридна проза, слично на стрипотека, бидејќи има и илустрации и кратки есеи, а целината е составена од дваесетина раскази. Важно е тоа што сѐ што е напишано во книгата навистина се случило, независно дали тоа се мои случки или на мои блиски пријатели – објасни авторот Зоран Спасов Ѕоф на прес-конференцијата за претставата „Торонто експрес“.

Книгата и претставата имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, а крајот во двата проекта е различен. Поврзувањето на книгата со нејзината драматизација на сцената на МНТ го направил актерот Александар Микиќ, кој ја прочитал книгата уште во времето кога нејзиниот автор сѐ уште бил во Канада. Бидејќи лично се познавале од претходно, ја изразил желбата текстот на книгата да се постави на театарска сцена. Подоцна се појавиле услови за подготовка на претставата.

Во период кога планирале да работат нешто друго, но пандемијата на коронавирусот им ги сменила плановите, режисерот Јордан Симонов го прифатил предлогот на актерот Александар Микиќ да се обидат да го постават делото „Тибам штркот“ на Зоран Спасов Ѕоф. На Симонов веднаш му се допаднал стилот на пишување и начинот на кој Ѕоф ги опишува работите и добил идеја како целото писание да се „преведе“ на сцената.

Во адаптацијата и драматизацијата на текстот соработувал и Благоја Бошковски Буцко. Во подготовката на адаптацијата на текстот и на претставата екипата работи од почетокот на 2021 година. Според Микиќ, најтешкиот дел од работата бил кои делови од книгата да бидат драматизирани, а кои да бидат оставени да се прочитаат само од книгата. Така фокусот на претставата го ставиле на потребата или желбата на луѓето да си заминат од Македонија.

Премиерата на претставата е закажана на 15 декември во МНТ. Целиот проект добива мултимедијална димензија, бидејќи со купена книга се добива ваучер за гледање на претставата, со што на публиката ѝ се дава можност прво да го прочита делото, а потоа да ја погледне неговата драматизација. Извршен продуцент на претставата е Виктор Рубен, сценографското решение е на Мартин Манев, а костимографијата е на Роза Трајческа-Ристевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 109, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот