Уредбата со која се зголеми цената на горивата ќе стане закон

Стокмени се измените и дополнувањата на Законот за акцизи со кои и понатаму ќе важи зголемувањето на акцизата за бензините, дизелот и екстра лесното масло, што е овозможено со Уредбата со законска сила, донесена на 21 април минатата година.

Токму со оваа Уредба, првично се зголеми цената на горивата за 3 денари, за колку што се зголеми акцизата со таканаречената дополнителна акциза. Но, бидејќи дополнителната акциза се намалува со зголемувањето на набавната цена на горивата, во моментов таа изнесува 2 денара.

Владата информираше дека дала зелено светло за измените и дополнувањата на Законот за акцизи, и според соопштението што го прати до јавноста, текстот од Уредбата се преточува во Закон.

„Предложените измени се за да се продолжи со примена на новиот начин на пресметување на акцизата за одредени енергенти во зависност од движењето на малопродажната цена на соодветниот енергент на светските берзи и истовремено ќе се овозможи и понатаму да се користи и механизмот што овозможува постепено враќање на постојните износи на акциза во услови на нормализирање на цените на пазарот на нафтени деривати, а кои се веќе воспоставени со донесувањето на Уредбата со законска сила“, соопшти Владата.

Во тој нов начин, дефиниран во Уредбата со законска сила за дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизи за време на вонредната состојба, покрај основна акциза, има и дополнителна акциза. Образложението на Владата за дополнителната акциза беше дека цената на горивата е многу намалена, а наспроти тоа, државната каса во време на пандемија, има проблеми со полнењето и со новонастанатите трошоци кои произлегуваат од здравствената и од економската криза. Според Уредбата, износот на дополнителна акциза варира од нула денари до 3 денари, во зависност од тоа каква е цената на точно дефинираниот енергент, на точно дефинирана берза. Со зголемување на берзанските цени, може да се очекува намалување, или анулирање на дополнителната акциза, но, за жал, зголемената берзанска цена ќе го чини крајниот потрошувач повеќе од она што го плаќал за дополнителната акциза.

Формулата за дополнителната акциза, кога се донесе Уредбата во април, ја објасни владиниот портпарол Муамет Хоџа.

– Сега акцизата се зголемува за 3 денари, но ако се зголеми малопродажната цена на нафтените деривати за 10 денари, дополнителната акциза ќе се намали за 1 денар и ќе биде само 2 денара, а ако се зголеми за 20 денари, таа ќе биде нула, односно ќе се вратиме на старата акциза – објасни Хоџа.

Кога се донесе оваа Уредба, цената на „евросупер БС-95“ беше 45 денари за литар, а сега е 61, цената на „евросупер БС-98“ беше 50 денари, а сега е 62,5 денари. Цената на евродизелот, пак, беше 45 денари, а сега е 53 денари.

Зголемувањето на домашните цени како резултат на берзанските цени доведе и до намалување на дополнителната акциза за 1 денар, па како што може да се види во извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, дополнителната акциза сега е 2 денара.

Инаку, Уредбата со законска сила која ја регулира материјата за дополнителната акциза требаше да трае за време на вонредната состојба и 7 месеци по престанок на траење на вонредната состојба.

На некоја од наредните собраниски седници треба да се очекуваат измените и дополнувањата на Законот за акцизи, со кои дополнителните акцизи ќе станат законска давачка.

Набавните цени на бензините една третина од крајните

Последната малопродажна цена на бензинот БС 95 е 61 денар за литар, а највисоката набавна цена, како што информира Регулаторната комисија за енергетика, е 20,646 денари, или една третина од онаа цена што ја плаќаат купувачите на бензинските пумпи. Слична е состојбата и со БС 98. Крајната цена е 62,5 денари, а набавната е 22,247 денари за литар. Малку поинаква е состојбата со дизелот – крајната цена е 53 денари, а набавната е 21,123 денари за литар.

Во моментов акцизите се повисоки од набавната цена на бензините. Основната акциза на бензините 21,692 денари за еден литар и со дополнителната, која сега е 2 денара, вкупната акциза изнесува 23,692 денари. За дизел-горивото, основната акциза е 13,121 денари и со дополнителната акциза од 2 денари, вкупната акциза сега е 15,121 денари.

Во вкупната цена влегуваат и складирање, транспортните трошоци, маржа, надомест за животна средина, а на целиот износ, се пресметува данок на додадена вредност.

Извор: Регулаторна комисија за енергетика, Одлука од 4.1.2021 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот