Унгарија: Србија е спремна да влезе во ЕУ, нејзиното членство не треба да се условува со Косово

Петер Сијарто/ Фото: Danil Shamkin/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Србија е спремна да влезе во Европската Унија, потенцирајќи дека нејзиното членство не треба да се условува со односите со Косово. Тој во интервјуто за хрватската агенција Хина кажа дека Србија е спремна „утре да влезе во ЕУ“ и дека без неа како „најголема и најсилна држава“ на Западен Балкан, нема стабилност во регионот.

„Отуѓувањето на Србија е најлошата можна тактика“, кажа Сијарто.

Честата антизападна и антиевропска реторика на претседателот на Србија Александар Вучиќ Сијарто ја објасни со чувството на разочарување поради блокадите од приближување до членството, и покрај исполнетите критериуми.

„Србија е горда нација. Затоа верувам дека пристапот на бирократијата од Брисел треба да се смени кон неа“, кажа унгарскиот министер додавајќи дека пристапот „екс-катедра“ треба да се смени со разговор „очи во очи“.

Шефот на унгарската дипломатија оцени дека врзувањето на членството на Србија во ЕУ за нормализацијата на односите со Косово е неправедно кон Белград бидејќи тоа не зависи само од Србија.

Тој кажа и дека проектот ЕУ не е завршен додека сите земји од Западен Балкан не станат негови членки, бидејќи „на Брисел повеќе му треба регионот отколку што на регионот му треба Брисел“.

Сијарто ги отфрли изјавите на некои западни воени лидери дека Русија за неколку години би можела да нападне некоја членка на НАТО, прашувајќи зошто некој би нападнал некого кој е многу посилен. Исто така кажа дека не ја гледа Русија како закана за која било членка на НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот