Контраофанзивата започна? Украина ги засилува нападите врз руските позиции на фронтот

Американските власти велат оти има знаци дека Украина можеби ја започнала долгоочекуваната контраофанзива, но Киев молчи за својата стратегија, објавија западните медиуми.
Украинските сили ги засилија своите артилериски напади и копнени напади по налетот на офанзивни воени активности кои до понеделник беснееја во повеќе сектори на линијата на фронтот, велат американски и руски официјални лица.
Но, Украина молчи за воените операции, откако неколку месеци се подготвуваше за голема контраофанзива. Но преставници на американските власти, кои зборуваа под услов да останат анонимни, рекоа дека порастот на нападите е можен показател дека долго планираната контраофанзива на Киев против руските сили веќе започнала.
Изворите својата проценка делумно ја заосноваат на информациите од американските воени сателити, кои забележуваа подем во акциите на украинската војска.
Неколку недели откако руските сили го зазедоа Бахмут, командантот на копнените сили на Украина во понеделникот тврдеше дека трупите на Киев напредувале во близина на разурнатиот град во источна Украина, иако не е јасен степенот на напредокот.
Тенковите од јуришната бригада ги уништија непријателските позиции, рече украинскиот командант, генералот Олександр Сирски, во кратката порака објавена на апликацијата Телеграм.
Во објавата се вели дека украинските сили постигнале напредок во мала шумска област. Одбранбените сили работат. Продолжуваме да одиме напред“, пишува Сирски.
Неколку извори за „Си-Ен-Ен“ велат дека Украина распоредила мрежа на агенти и симпатизери во Русија кои работат на извршување акти на саботажа против руски цели.
Американските официјални лица веруваат дека овие проукраински агенти во Русија извршиле напад со дронови, чија цел бил Кремљ на почетокот на мај, лансирајќи беспилотни летала од внатрешноста на Русија, наместо тоа да го извршат од Украина.
Не е јасно дали други напади со беспилотни летала извршени во последниве денови – вклучително и оној насочен кон станбена населба во близина на Москва и оној врз нафтените рафинерии во јужна Русија – биле исто така извршени од внатрешноста на Русија или спроведени од оваа мрежа на проукраински оперативци.
„Си-ен-ен“: Украина распоредила агенти низ Русија и им дала дронови за да организираат напади