Туристичката понуда во Гевгелија, Дојран, Валандово и Конче се збогатува

Фото: МИА

Со 23 милиони денари од кои 18 се обезбедени од Бирото за регионален развој, а останатите од општините, ќе се збогатува туристичката понуда во Гевгелија, Дојран, Валандово и Конче.

Според информацијата од Центарот за развој на Југоситочниот плански регион, со овој проект директно се промовира регионален развој на две стратешки гранки – развој на регионалниот туризам и инфраструктурна поврзаност на туристички локалитети со населените места преку развој на соодветна современа и модерна инфраструктура.

-Населението од Југоисточниот плански регион, домашните и странските туристи ќе имаат на располагање нови туристички понуди, со што се отвара можност за зголемување на посетите во регионот посебно за рекреација, излет, духовно исполнување и уживање во природните убавини, што ќе придонесе до поголем економски развој на општините Валандово, Гевгелија, Дојран и Конче, а со самото тоа и економски развој на регионот, велат од Центарот за развој.

Со проектот е планирано во општина Дојран да се изгради пешачка патека во должина од 760 метри, која води кон граничниот премин Стар Дојран.

Во општина Валандово се предвидува уредување на патеката од манастирот Свети Горѓи до Исар кулата во должина од 700 метри, поставување на урбана опрема, клупи и патокази долж целата патека, осветлување на патеката и Кулата и поставување на телескоп за набљудување.

Во општина Гевгелија ќе се врши доизградба на локалниот пат до село Хума во должина од 782 метри, со кој ќе се овозможи ревитализација на селото, изградба, доградување и доопремување на нови куќи во селото што ќе придонесе кон развој на планинскиот пограничен регион во о. Гевгелија, а ќе се отворат и можности за развој на планинскиот и ловниот туризам.

Во општина Конче се планирани активности за доизградба на конакот во дворот на манастирската црква Св. Стефан во село Конче, негово опремување, како и поплочување на дел од просторот околу манастирот, кои се од исклучително значење и ќе придонесат кон развој на селскиот и манастирскиот туризам во Општина Конче.

На крајот на декември градоначалниците од овие четири општини ги потпишаа договорите со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот