Тридневна „Македонска книжевна визита“ се одржува во Софија

Македонски културно-информативен центар во Софија

Со учество на 11 македонски поетеси, поети и писатели од сите генерации, од 11 до 13 мај, во Софија се одржува 14-тото издание на „Македонската книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.

Организатор на оваа традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското Министерството за култура.

Годинашната 14. „Македонска книжевна визита“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач и универзитетски професор Владимир Мартиновски, за чие поетско творештво ќе говори универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска. На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Мартиновски на македонски и на бугарски јазик, а со поздравна беседа ќе се обратат и претседателот на Сојузот на бугарските писатели Бојан Ангелов и Кристина Николовска, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.

Втората клучна содржина на Четиринаесеттата македонска книжевна визита во Софија е големиот бугарско-македонски поетски митинг на кој оваа година ќе земат учество: Анжела Димчева, Бранко Цветкоски, Димитар Милов, Димитар Башевски, Николај Шопов, Владимир Мартиновски, Роза Бојанова, Димитар Христов, Кристина Николовска, Иван Есенски, Виолета Танчева Златева, Атанас Звездинов, Зоран Јакимовски, Маја Панајотова, Петар Андасаров, Јовица Тасевски – Етернијан, Надја Попова, Лидија Размоска Тримовска и Владимир Левчев.

Во знак на почит и сеќавање на големиот бугарски поет Љубомир Левчев, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, ќе биде одржан омаж по повод 88-годишнината од неговото раѓање, при што проф. д-р Кристина Николовска ќе одржи пригодна беседа.

Традиционално и на оваа „Македонска книжевна визита“ во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји.

Годинашен носител на ова признание е поетесата и голем двигател на писателските врски и соработка меѓу македонските и бугарските писатели, асоцијации и книжевни манифестации – Роза Бојанова, една од врвните современи поетеси на Бугарија. Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот на поетот Христо Смирненски.

Веќе петнаесетина години, во организација „Макавеј“ и КИЦ на Република С. Македонија во Софија се одржуваат успешни изданија на „Македонска книжевна визита“ на која учествувале осумдесетина македонски поети, научници, писатели и публицисти, меѓу кои: ак. Матеја Матевски, ак. Гане Тодоровски, ак. Ташко Георгиевски, ак. Луан Старова, ак. Али Алиу, ак. Митко Маџунков, Мето Јовановски, Драги Михајловски, ак. Ристо Василевски, ак. Катица Ќулавкова, Д-р Илија Велев, д-р Ангелина Бановиќ – Марковска, д-р Блаже Китанов, Трајан Петровски, Ристо Јачев, Иван Чаповски, Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Милован Стефановски, Стојан Тарапуза, Раде Силјан, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Братислав Ташковски, Гордана Михаилова – Бошнакоска, Кристина Николовска, Паскал Гилевски, Вера Чејковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Борче Панов, Кире Неделкоски, Јовица Тасевски – Етернијан, Жарко Кујунџиски, Иван Антоновски, Трајче Кацаров, Игор Исаковски, Марта Маркоска, Владимир Илиевски, Марина Мијаковска, Душко Крстевски, Наташа Сарџоска, Митко Гогов и други; како и редица врвни бугарски писатели, есеисти, преведувачи и публицисти.

Досегашните изданија на оваа книжевна манифестациja за афирмација на македонската литература во престолнината на Бугарија беа извонредно позитивно примени и во бугарските и во македонските литературни кругови, соопштија од ИД „Макавеј“ – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот