Три претстави од селекцијата за наградата „Биш“ се на програмата на МОТ

Сцена од претставата „Спасени“

На програмата на 48. МОТ на 14 ноември се претставите „Бакхи: Агава“ на малата сцена во МНТ, од 19 часот, „Спасени“ во салата „25 Мај“ во МКЦ, од 20.30 часот, и „Кенди“ во салата „25 Мај“ во МКЦ, од 22 часот.

„Бакхи: Агава“ е претстава што ги поставува прашањата за издржливоста, страдањето, но и моќта на една жена. Поставена е на текст од Еврипид, со драматургија на Тамара Барачков и режија на Нина Николиќ.

– Агава е жртвата и средството за одмазда на Зевсовиот и Семелиниот син, која како лик отсуствува до самиот крај. Додека се одвива главниот конфликт на линијата меѓу Пентеј – Дионис, Агава прозборува само во последниот чин, по чедоморството. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира/обработи и да ги вербализира. Токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се обидовме да го дефинираме коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Прашањето од кое тргнавме е: која е оваа жена денес? – загатнуваат авторите на претставата.

Сцена од претставата „Бакхи: Агава“

Во претставата играат Симона Спировска и Александар Михајловски. Костимографијата е на Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографијата на Ангел Петровски, дизајнот на звук на Александар Арсиќ, инспициент е Вукица Александрова, фотограф е Дени Ингилизовски, а дизајнот на плакатот е на Димитар Димитров.

Претставата „Спасени“ на Томислав Зајец во режија на Дамјан Костовски зборува за осаменоста на луѓето во ова сурово и цинично време. Специфичната фрагментарна драматургија на текстот, едноставниот јазик и суптилната духовитост се фундаментот на оваа претстава, а преку брзиот ритам и динамичното темпо како сложувалка се открива приказната на десетте ликови, кои по некоја „случајност“ се наоѓаат заедно на едно патување. Несреќата со возот го менува светогледот на преживеаните патници и нивниот однос кон животот се редефинира и добива една сосема нова смисла.

Во претставата играат Хари Михајловски, Мирјана Трпковска, Васко Костовски, Кире Ацевски, Владимир Петровиќ, Јоанис Далајоргос, Ведран Чешарек, Елена Кузманов, Горан Ников, Ања Митиќ. Сценографијата е на Милка Черепналковска, асистент на сценографијата е Екатерина Николовска, костимографијата е на Екатерина Добривојеска, а музиката на Бојан Филиповски. Извршен продуцент е Батухан Ибрахим, а технички соработник е Дамјан Ѓорѓиев.

Сцена од претставата „Кенди“

Претставата „Кенди“, поставена според текст на Лук Дејвис и текстови од ХОПС во режија на Тамара Стојаноска, е дуодрама што зборува за зависноста кај младите со фокус на опијатната зависност. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите.

Претставата е приказ на едно „современо“ општество, кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Најзначен фактор, кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги, се токму родителите, кои, во многу случаи последни се соочуваат со проблемот. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги.

Во претставата играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски. Адаптацијата е на Тамара Стојаноска, музиката на Лука Тошев, а со вокал и укулеле сонговите ги изведува Лео Поповиќ. Дизајнот на постерот и на рекламниот материјал е на Бојана Цилеска, а фотографијата и видеото го направија Тамара Малкоска и Драган Биков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот