Три мистерии околу падот на хеликоптерот во Украина – клучниот човек на Зеленски загина во чудни околности

Фото: @venik44 / Twitter

Најмалку 18 луѓе, меѓу кои и министерот за внатрешни работи на Украина, Денис Монастирски, двајца високи функционери и неколку деца, загинаа откако хеликоптер се урна во близина на градинка во предградие на Киев. Властите не дадоа веднаш изјава за причината за несреќата, а непосредно по неа, немаше коментар и од Русија, која речиси 11 месеци води војна против Украина, откако изврши инвазија врз соседната земја.

Во овој момент, трагичниот настан е обвиен во три мистерии, кои надлежните се надеваат дека ќе се разјаснат со истрагата, пишува „НоваС“.

Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Монастирски, кој беше одговорен за полицијата и безбедноста во Украина, е највисокиот украински функционер кој загина од почетокот на војната. Началникот на националната полиција Игор Клименко рече дека министерот бил убиен заедно со неговиот заменик и други високи функционери на министерството. Регионалниот гувернер изјави дека 18 лица загинале, а 25 се повредени, меѓу кои 10 деца.

„Во моментот на оваа трагедија во градинката имало деца и персонал. Сега сите се евакуирани. Има жртви“, напиша на Телеграм гувернерот на Киевската област Олексеј Кулеба.

Што ја предизвика хеликоптерската несреќа?

„Засега ги разгледуваме сите можни верзии за падот на хеликоптерот“, додаде украинскиот јавен обвинител Андриј Костин, сугерирајќи дека може да поминат неколку дена пред да се утврди причината за падот. Според некои тврдења, до несреќата дошло кога хеликоптерот по грешка на пилотот удрил во градинката.

Очевидци изјавија дека во секој случај, војната е виновна за трагедијата. Џејмс Вотерхаус, дописник на „Би-би-си“ од Украина, на Твитер шпекулираше дека авионот можеби летал премногу ниско во моментот на падот. Од почетокот на војната во февруари минатата година, украинските хеликоптери летаат на мала височина за да не бидат откриени од руските радари. Сепак, ова со себе носи и други ризици. Иако хеликоптерите имаат поголеми шанси да избегнат откривање и соборување, ризикот од судир со предмети на земјата е значително зголемен.

На видеото од местото на несреќата се гледа голема површина околу градинката која веднаш по ударот била зафатена од оган, а на улицата пред неа лежат тела. На една слика, главниот ротор на хеликоптерот можеше да се види на покривот на еден автомобил. Внатре во градинката, занималните беа преполни со шут, со искршени прозорци, а ѕидовите беа јагленисани.

Клименко во изјавата наведе дека хеликоптерот го превезувал Монастирски и уште осуммина луѓе. Клименко рече дека во несреќата загинале и заменик-министерот Јевхен Јенин и државниот секретар Јуриј Лубкович.

Зошто хеликоптерот се урна во регионот на Киев?

Се чини дека хеликоптерот летал во услови на слаба осветленост во моментот кога паднал. Магливото време и темнината можеби го нарушиле видот на пилотот. Исто така, регионот на Киев каде летал хеликоптерот е познат по голем број високи згради.

„Беше многу магливо и немаше струја, а кога нема струја, зградите немаат светло“, изјави локалниот жител Володимир Јермеленко за „Би-би-си“.

Фото: @TVajrayana / Twitter

Други сведоци тврдеа дека е можно пилотот на хеликоптерот да не видел ниту една од високите згради во моментот на летот. Иван, 14-годишно момче кое живее на блиската улица „Лохунова“, во 17-катница, рече дека слушнал како хеликоптерот се приближува до соседната зграда, преку прозорецот од неговата кујна.

„Не ја видоа зградата на „Лохунова“ 18б, а сето тоа поради маглата. Се обидоа брзо да се искачат, но не успеаја, а потоа тој наеднаш падна“.

Дали хеликоптерот навистина одел на фронтот?

Заменик-шефот на претседателската администрација во Украина зборуваше за хеликоптерската несреќа.

„Рано е да се зборува за причината за несреќата“, рече Кирило Тимошенко, заменик-шеф на претседателската администрација за време на брифингот за медиумите во Бровари. Тој рече дека истрагата ќе ги разгледа сите можности и полицијата побара да се појават сведоци.

Тој потврди дека летот со хеликоптер бил „поврзан со работата“ на министерот за внатрешни работи Монастриски и дека тој бил на пат кон линијата на фронтот. Тој исто така нагласи дека министерот за внатрешни работи се упатувал кон „жешка точка“ на линијата на фронтот кога се урнал хеликоптерот.

Не е познато кон кое точно место се упатил хеликоптерот, со оглед на тоа дека борбите во Украина се водат на неколку места и дека линијата на фронтот е исклучително долга. Повеќе детали засега не се објавени.

ВИДЕО: Во хеликоптерска несреќа загина украинскиот министер за внатрешни работи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот