Транзицијата во долг кадар се прикажува преку филмската програма во Кинотеката

Сцена од филмот „Сестри“ на Дина Дума

Февруарската филмска програма во Кинотеката беше отворена со два македонски играни филмови: „Сестри“ на Дина Дума и „Самоуништување“ на Ербил Алтанај. Дебитантскиот долгометражен игран филм „Сестри“ на Дина Дума е актуелен со учеството на голем број филмски фестивали, освоените награди, но и со темата што ги засега младите генерации што длабоко паднаа во замката што ја создадоа дигиталните социјални медиуми.

Филмот на младата Дина Дума за растењето на две девојчиња во типична постсоцијалистичка средина со изместени вредности, на многу начини, се надоврзува на филмот „Самоуништување“ на Ербил Алтанај од 1996 година, урбана трагикомедија за распаѓањето на семејството и „оѕверувањето“ на поединецот.

Овие денови (4, 5 и 7 февруари) на програмата се кратки филмови на уште еден млад македонски автор. Илија Павлов е комплетен автор – сценарист, режисер, директор на фотографија, монтажер – на неколку кратки, експериментални, документарни и долгометражни филмови снимени од 2014 до денес, а гледачите ќе имаат можност да видат избор од неговиот досегашен опус.

Илија Павлов (1998) е македонски уметник и писател, кој на 18 години го снимил својот прв краток филм „Поинаков свет“ и со тој филм бил примен на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Словенија. Набргу потоа ја основа својата продуцентска куќа „Персона филм“, преку која ги продуцира сите свои досегашни филмови: документарните „Борец“ (2016) и „1963: Добра ноќ Скопје“ (2020), краткиот игран филм „Излез“ (2016), како и повеќе од 50 експериментални кратки филмови во траење од 1 до 5 минути.

Во моментов работи на постпродукција на својот дебитантски долгометражен игран филм под работен наслов „Преродба: гласот на тишината“, известија од Кинотеката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 115, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот