Техничката влада може да се состави и на улица Македонија

лидерска Ковачевски Мицкоски Фото МИА

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, се откажа од тајна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но ниту на едниот ниту на другиот им се брза со договарањето на составот на техничката влада која треба да биде формирана на 28 јануари.

Премиерот Димитар Ковачевски се откажа од тајноста на средбата со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и рече дека со Христијан Мицкоски може кадровските решенија за техничката влада ќе ги договара во кој било јавен простор па ако треба и во кафуле на улица Македонија. Претходно Ковачевски велеше дека нема потреба од јавна и помпезна средба бидејќи станува збор за техникалии во врска со функционирањето на техничката влада која треба да се формира 100 дена пред изборите. Но овој став го смени откако опозицискиот лидер одби да се среќава со него далеку од очите на јавноста. Сега ВМРО-ДПМНЕ експресно реагира на пишманењето на премиерот и вели дека оваа понуда доаѓа откако Ковачевски и здодеал на јавноста со најави за тајни средби.

– Не гледам дека има потреба од тајни средби. Кога ќе ја договориме таа средба ќе се случи во јавен простор, дали во Клубот на пратеници, дали во Собранието, дали на улица Македонија во некое кафуле, сеедно – рече Ковачевски.

Тој не кажа кога точно би се сретнал со Мицкоски, но вели дека постои редовна комуникација помеѓу потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, не откри ниту детали до каде се преговорите со владините партнери Али Ахмети и Арбен Таравари во обидот да станат дел од европскиот фронт и на изборите да настапат со заедничкки листи. Тој само кажа дека изминативе денови не разговарале поради новогодишните празници.

Ковачевски не е загрижен ни од најавата на албанскиот опозициски блок за блокада на Собранието и за протести ако не биде избран нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија (ДИК).

– Раговорите за тоа ќе мора да ги водат во Собранието. Инаку, тоа не е ништо ново, опозицијата, за волја на вистината и македонската опозиција го блокира Собранието веќе четири години. Се надевам дека до крајот на мандатот ќе нема повеќе блокади – рече Ковачевски.

Ако се проценува според најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кафе средбата на улица Македонија ќе биде непосредно пред датумот предвиден за формирање на техничката влада (28 јануари). На Мицкоски не му се брза, па најави дека кадровските решенија за владата ќе бидат познати по Водици (19 јануари).

– Не сме имале никаква средба. Не постои нешто како јавна најава за тајна средба како што кажуваше самиот премиер, нема потреба да се среќаваме на никакви тајни средби. Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување – рече Мицкоски во интервју за порталот „Прес24“ и додава дека кога и да има средба за тоа ќе биде известена јавноста.

– По Водици ќе имаме целосна слика за претстојниот состав на техничката влада. Не се брзаме на тој план. ВМРО-ДПМНЕ има голем број кадри кои можат да одговорат на позициите кои се бараат. Што се однесува до перформансите на техничката влада, сметам дека тие влади досега се покажаа како слаби и исполнети со конфликти и со бројни кочења – вели Мицкоски.

Засега познато е дека премиер на техничката влада ќе биде Талат Џафери од владејачката ДУИ и дека на претседателското место во Собранието ќе седне координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Ново име од кадрите на СДСМ во техничката влада ќе биде Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски како кандидат за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.

Во владиниот кабинет на Џафери со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и со тројца заменици, за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација треба да раководи опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски навести дека најсериозен кандидат за технички министер за внатрешни работи е Наќе Чулев, кој веќе еднаш беше на оваа функција во техничката влада пред изборите во 2020 година.

Воздржаноста на премиерот од изјави за разговорите со Ахмети и Таравари за заеднички настап на изборите се толкува како сигнал дека шансите за формирање на најавениот европски фронт се сведени на минимум. Ни ДУИ ни Алијанса се уште немаат одлуки како ќе одат на изборите, но последна опција им се заеднички листи со СДСМ и со коалицијата. ДУИ посакува изборен настап со Алијанса, ако не, партијата на Ахмети сама ќе оди на избори. Алијанса пак, ќе треба да пресече дали парламентарните ќе ги трча сама, со ДУИ или со албанскиот опозициски блок.

Извесно е и дека ќе пропадне понудата на СДСМ заедно со ДУИ и со Алијанса да предложат консензуален кандидат за шеф на државата на изборите во април. По најавата на албанскиот опозициски блок дека ќе имаат свој кандидат за претседател, извесно е дека ДУИ и Алијанса ќе истрчаат со свои кандидати, а во вториот круг ќе го поддржат кандидатот на СДСМ и коалицијата.
Мицкоски на брифинг со новинарите ѝ порача на ДУИ да не се надева дека ќе влезе во владата ако во првиот изборен круг го поддржи претседателскиот кандидат на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот