Тегла џем од кајсии ќе чини како тегла ајвар

Ако пред две недели се чудевме што килограм цреши чини 250 денари, сега граѓаните се фрапирани од цената од 120 денари за килограм кајсии. На почетокот на летото, килограм праски се продава по 60 денари за килограм, увозните јаболки и круши чинат над 100 денари, килограм јагоди се наоѓа за 100 денари

Производителите на кајсии и цреши минатата година задоволно ги триеја рацете, но годинава родот ги изневери. Овошките кои куртулија од мразевите, сега не може да добијат благост поради долготрајните дождови. Ако пред две недели се чудевме што килограм цреши чини 250 денари, сега граѓаните се фрапирани од цената од 120 денари за килограм кајсии?! На почетокот на летото, килограм праски се продава по 60 денари за килограм, увозните јаболки и круши чинат над 100 денари, килограм јагоди се наоѓа за 100 денари. а скромните петровки се најевтини и се продаваат по 30 денари за килограм. Овоштарите велат дека тоа е данокот на климатските промени, кои влијаат врз родот, а ја билдаат цената на овошјето.

Домаќинките пак се загрижени дека тегла џем од кајсии, кој по традиција се прави во овој период од годината ќе ги чини како тегла ајвар – 300 денари. Статистички, Македонците не се големи љубители на кајсиите и лани во просек купиле по 13, килограми, додека потрошувачката на праски била 5,3 килограми.

-Лани со кајсии го ранеа добитокот, а до август ги имаше во изобилство со пристојна цена од 30 денари за килограм. Нема математика за домашен мармалад. Ако на пример купите 15 килограми кајсии ќе треба да платите 1.800 денари. Кога на тоа ќе додадете најмалку 4 килограми шеќер кој чини 50 денари, една тегла ќе ве чини како тегла ајвар. Ако немате шпорет на дрва или на плин, со поскапената струја, воопшто нема сметка да се зафаќате со оваа работа – вели една домаќинка.

Ако е за утеха, производителите годинава очекуваат добар род на бостанот, но нема гаранција за квалитетот поради изобилството од дожд. Цената на овие овошки за жал нема да биде поевтина од лани, а сега за килограм лубеница треба да издвоите 35 до 40 денари. Пазарџиите велат дека треба да се навикнеме дека цените на домашното овошје и зеленчукот, ќе бидат се поскапи. Од друга страна, куповната моќ на граѓаните се намалува.

-Луѓето купуваа по 200 грама цреши, сега истото се случува со кајсиите – велат продавачите на Зелениот пазар во Скопје.

Агрометеоролозите велат дека временските услови не се баш погодни за повеќето овошја и зеленчуци, а дека квалитетот зависи од сонцето. Дождот, годинава направи пустош и кај јаболките во Охридско-ресенскиот регион, а има штети и кај одредени сорти грозје. Иако е рано, има сомнежи и дека ќе потфрли родот и на оревите, бадемите и лешниците.

Европски цени на доматите – килограм 120 денари!

Веќе никој не води сметка што се случува со цените на зеленчукот по одмрзнувањето. Граѓаните велат дека дека е нечуено среде лето килограм домати да чини 120 денари, а килограм зелени пиперки да чини 90 денари! Пазарџиите креваат рамења, велат дека не знаат што се случува со домашното производство. И ако се подготвени да ја платат побараната цена, граѓаните воопшто не се задоволни од квалитетот.

-Ај да се сложиме дека во зима доматот е поскап бидејќи е од увоз, какво е сегашното оправдување – се чудат граѓаните.

Многумина од муштериите прашуваат зошто толку чинат доматите, но продавачите само одмавнуваат со главата и одговараат: „Па, толку чини, толку се цените“. Бабурите чинат 80 денари за килограм, а лутите пиперки се продаваат по 90 денари. Големо и не многу пријатно изненадување е цената на модриот патлиџан, која годинава се движи од 100 до 150 денари. Зелка речиси и да нема, а евидентно недосасуваат и индустриски краставици кои ако ги најдете ќе ги платите по 70 денари за килограм. Младиот компир кој е увозен и доаѓа од Египет, најчесто чини меѓу 50 и 60 денари за килограм, а кромидот не се спушта под цената од 60 денари. Гравот пак кој преку ноќ се појави по завршувањето на мерката за замрзнати цени се „стабилизира“ на 200 денари за килограм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот