Течниот гас нема да дојде ни брзо ни евтино

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Новата енергетска патека на Македонија е течен гас што стигнува до Александрополис, централа за електрична енергија што работи на тој гас и така произведува струја, и гасовод со кој се поврзани Македонија и Грција. Но, чесно е да се каже дека процесот не е едноставен и дека ќе чини пари.

Форсирањето на својот течен гас, Америка го почна многу порано. И претходниот претседател на САД Доналд Трамп во своитe обраќања велеше дека европските земји треба да ја намалат зависноста од рускиот гас и дека во тоа може да помогне американскиот течен гас. Диверзификацијата од повеќе извори на снабдување е многу значајна работа за секоја национална економија. Особено ако се земе предвид дека односите помеѓу Русија и Украина никогаш не биле на завидно ниво, а цевките од рускиот гасовод поминуваат низ украинска територија. Така, во изминативе години, Европа постепено почна да исцртува нова карта на инфраструктурата наменета за течен гас. Течен гас пристигнува во Хрватска, Полска, Литванија, Португалија, Холандија и во Велика Британија. Сепак, експертите оценуваат дека нивните капацитети се мали за некое посериозно европско снабдување. Но, исто така, голем број експерти сметаат дека течниот гас е иднината во енергетиката. За овој регион, па и за Македонија, очите се вперени во Александрополис, Грција,  каде што треба да се гради терминалот за течен гас. Секако, и за тоа треба време.

Но, следно прашање е дали е толку едноставно да се стави во функција течниот гас? Тоа не е течност што со кофи ќе се налева во некоја машина што понатаму ќе произведува струја. Тоа е веќе една нова индустрија. Доаѓаат танкери, го носат… Дали ќе ги има доволно, колку време ќе може да стојат вкотвени? Тоа се прашања што легитимно се поставуваат насекаде во светот. Сега, во Македонија, на рускиот гас е приклучен сериозниот енергетски капацитет „ТЕ-ТО“, компанија во која има и руски капитал, како и уште педесетина други фабрики. Да се направи алтернатива за приклучување на течниот гас, кој ќе дојде по друга „траса“, мора да се направат и технички зафати за нови приклучоци во секој објект. Ако воопшто почне да се размислува за такво нешто…

Факт е дека ќе имаме нов извор за доток на гас и нов извор на електрична енергија. Новата енергетска патека на Македонија е течен гас што стигнува до Александрополис, централа за електрична енергија што работи на тој гас и така произведува струја и гасовод со кој се поврзани Македонија и Грција.  Но, чесно е да се каже дека процесот не е едноставен и дека ќе чини пари. Европската Унија, за волја на вистината, и финансиски на голема врата го помага процесот на транзиција кон снабдување со течен гас. И терминалот во Грција, во кој се вклучува и Македонија, во голем дел се гради со европски пари, па и нашиот удел преку позајмици, пак ќе биде финансиран од европските фондови. Терминалот за течниот гас во Александрополис е со вкупна инвестиција од околу 370 милиони евра, а македонското учество е 10 проценти. Воедно, нашата земја ќе учествува со 25 проценти во инвестицијата за гасна централа на природен гас во Александрополис чијашто изградба е проценета на над 380 милиони евра. Владата ја заокружи и финансиската конструкција на проектот за изградба на интерконективен гасовод од Неготино до границата со Грција вреден 57,8 милиони евра.

Македонија, како и другите земји на Западен Балкан, ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас и хидроген што го договорија ЕУ и САД. Ова е резултат на политиката на солидарност во овие времиња на предизвици во кои заедничката стратегија дава резултати, се вели меѓу другото во заклучоците на Европскиот совет. Владата информираше: „Благодарение на оваа стратегија за справување со последиците од војната и со енергетската криза Северна Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас“. Сепак, ова е стратегија, план за иднината, а нештата се случуваат сега. Течниот гас нема да стигне во Македонија, ниту веднаш, ниту евтино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот