Тања Турунџиева, нутриционист: Здрава исхрана кај трудници и доилки – што е забрането, а што дозволено?

Profimedia/приватна архива

Совети фокусирани на две прекрасни состојби во животот на жената, онаа на трудница, а потоа и на мајка – доилка. Иако и двете состојби подразбираат посветеност, жртвување и соочување со нови предизвици, уживањето во секој миг е нешто кон што треба да се стреми секоја мајка, потсетувајќи се дека здравата, среќна и смирена мајка подразбира исто такво дете.

ТРУДНИЦИ

Соочување со новата состојба

Обично, кога ќе забремени една жена, барем на овие простори, се третира како да е болна, со што лично не се согласувам. Да, потребно е посебно внимание, но согласно индивидуалниот случај и здравствените препораки, пред сѐ, трудницата треба да биде здрава, здраво да се храни, да има и физичка активност, ако тоа ѝ го дозволува бременоста, и да се радува на секој момент.

Поставување граници

Кај некои жени во бременоста телесната тежина се зголемува дури и до 35 килограми, што е апсолутно погрешно. Без разлика на возраста, почетната тежина на трудницата и која бременост ѝ е по ред, оптималните килограми што треба да се зголемат се – од 8 до 12 килограми. Токму вишокот килограми предизвикува контраиндикации како гестациски дијабетес, зголемен крвен притисок, болки во зглобовите, појавување на отоци и, најстрашно од сѐ, појава на состојби на преекламисии што можат да бидат фатални и за бебето и за мајката. Трудницата треба да ги контролира честите напади на глад и опседнување со одредена храна и да ја отфрли идејата дека треба да јаде за двајца. Мора да има самоконтрола за да го чува и сопствениот организам, а најважно од сѐ, и организмот на бебето.

Плодот се храни од мајката

Кога една жена ќе констатира дека е бремена или, пак, планира бременост, треба да направи подготовка на сопствениот организам, да го детоксицира, да го наполни со природни витамини и минерали, да има урамнотежена исхрана од три оброци дневно, а по забременувањето да продолжи да има свој начин и режим на исхрана преку кој ќе го снабдува организмот со сѐ она што му е потребно.

Кои производи се забранети кај трудниците?

За време на бременоста, одредени нутритиви, иако се здрави, не треба да се консумираат.
Од овошјето, се забранува внесот на ананас, заради присуството на бромалин, што може да доведе до несакано дејство на спонтан абортус. Крушата содржи големо количество фолна киселина, што во првото тримесечје е особено корисна за мајката, но, во исто време прави блокада на апсорпцијата на хранливите производи преку папочната врвца, така што не се препорачува во големи количества. Бакарот е елемент што не е многу препорачлив кај трудниците, а е обемно застапен во сувата слива, поради што апсолутно не треба да се внесува. Во принцип, сувото овошје воопшто не треба да се внесува заради концентрацијата на шеќери, освен ако има потреба од такво нешто.

Кај зеленчукот нема рестрикција, но секогаш треба да се преферира тоа што е сезонско. Зачините имаат големо влијание врз состојбата на бременост, поради што не би требало да се експериментира со нив. Нането како чај и зачин може да создаде контракции и да придонесе за спонтан абортус. Потоа, циметот е еден од најагресивните зачини (заедно со биберот), што може да предизвика спонтан абортус и е забранет кај трудниците.
Морските плодови е добро да се избегнуваат, поради можноста од труења, а од нив единствен исклучок прави лигната. Алкохолот е комплетно забранет и кај трудниците и кај доилките, како и кафето и кофеинските пијалаци, токму поради кофеинот што го елиминира калциумот од организмот и создава раздразливост кај мајката и кај бебето, влијае врз квалитетот на сонот кај новороденчето и го намалува квалитетот на млекото кај мајката.

Здравствени препораки

Од огромна важност е да не се форсираат одредени нутритиви, а исхраната да биде разновидна, богата со разновиден зеленчук. Се препорачува и внес на јаткасти плодови (сурови ореви, бадеми, лешници, семки од сончоглед) што имаат смирувачко дејство, но и големо количество на витамин Е, железо и калциум. Колку за споредба, во суровиот сусам има многу повеќе калциум отколку во едно парче сирење, што може да создаде и контраиндикации поради казеинот што го содржи. Потребна е зголемена застапеност на чорбести оброци, како леќа, грашок, грав, боранија, најразлични зеленчукови чорби, печурки, риба, квалитетно и добро проверено месо, потоа амарант и киноа како безглутенски житарки што содржат многу големо количество аминокиселини, на Б-витамини и на магнезиум… Од маслата се препорачуваат сусамовото и лененото масло како извор на есенцијални масни киселини.

Треба да се пијат многу течности, што ќе ја спречи и појавата на непосакуваните стрии – повеќето трудници практикуваат нега само надворешно и се мачкаат со најразлични креми против стрии, но главната нега ја правиме однатре преку тоа што го внесуваме.
Треба да се следат и уринарните промени, бидејќи трудниците се поподложни на уринарни инфекции, при чиј третман дозволен е единствено чајот од брусница. Во последниот квартал од исхраната треба да се исклучат тешките јаглехидрати, што особено во подоцнежните месеци можат да предизвикаат појава на гестациски дијабетес, а да се зголеми внесот на протеини. Храната треба да биде добро проверена, добро да се прочита нејзиниот состав и да се внимава да не се внесуваат штетните конзерванси, емулгатори, вештачки бои, ароматизери што влијаат врз плодот.

ДОИЛКИ

Почеток на доењето

Откако на свет ќе се донесе бебето, мајката во првата година мора да внимава што ќе внесува во организмот, бидејќи преку мајчиното млеко се внесуваат сите корисни елементи за бебето да има здрав и правилен развој. Прво и основно за квалитетно млеко е – мајката да биде одморена, да не биде нервозна, бидејќи преку млекото ја пренесува и нервозата, да прави селекција во исхраната за бебето да нема проблеми во однос на атопиите, односно алергиските реакции што се појавуваат. Нормална е појавата на колики, односно, на грчеви кај бебето, затоа што му се разработуваат цревата. Секогаш сум за ексклузивно доење, меѓутоа, со адаптирање вкусови во пораната возраст, за да може веќе од шестиот месец, со вметнувањето на нутритивите, бебето да биде подготвено да ја прими храната што ќе му ја даде мајката. Од нутриционистичка гледна точка, до деветтиот месец не треба да се заменува оброкот – значи, мајката треба да му даде овошен или зеленчуков оброк, но потоа да му даде и да цица.

Не се согласувам со верувањата од типот „пиј боза за да имаш повеќе млеко“ или „јади повеќе леб за поголема лактација“, ниту, пак, да се налева мајката со седум литри течности или да пие млечни производи за да има млеко. Сѐ зависи од големината на млечната жлезда, а потоа, клучни се стресот, како и исхраната на доилката.

Што е забрането во исхраната на доилката?

Многу е важно мајката да внесува квалитетни нутритиви, овошјето и зеленчуците се приоритет, меѓутоа, со селекција на овошјето. Забранети се агрумите кај сите доилки до наполнување на една година кај бебето, сѐ она што се вклучува во категоријата на алергени, како јагодите и кивито. Во прво време, поради коликите, се исклучуваат одредени нутритиви, особено мешунките (гравот, грашокот, зелената боранија, зелената и кафеавата леќа), токму поради можноста за создавање на грчевите. Се исклучува лиснатиот зелјест зеленчук – зелка, кељ, прокељ, броколи, карфиолот. Медот се заменува со безглутенска исхрана токму поради алергиските реакции што може да ги предизвика. Треба да се избегнува белото брашно и лебот поради можноста да создадат атопичарски испади и да се постават ограничувања при внесот на зачините – велат дека лутата пиперка го стимулира млекото и му дава благодат на бебето, но не може секоја доилка да јаде луто. Ограничување на солта нема толку многу, колку на биберот, мешаниот зачин, што во себе содржи еден од најагресивните емулгатори мононатриум глутаминат, потоа на карито, циметот, ориганото итн. Сите тие се рефлектираат врз создавање на грчеви кај бебето.

Кога зборуваме за месото, тоа треба да биде добро проверено, во никој случај да не биде пилешко. Единствено дозволувам дивеч и мисиркино месо и квалитетен бифтек, во никој случај свинско, јагнешко или јарешко месо.

Нутриционистички препораки

Се користат најразлични чаеви за стимулација на лактацијата, што донекаде е издржано, но и природно цедениот сок знае да направи добра лактација. Препорачувам околу 30 минути пред доењето, мајката да испие една чаша природно цеден сок од овошје и зеленчук и една чаша вода и по завршувањето на доењето да го направи истото. Тие свежи ензими што ги внесува преку зеленчукот го создаваат млекото преку целулозата и хранливите намирници. Дозволен е коренестиот зеленчук – цвекло, целер, дајкон, бела трупка, морков, како и замените за тешките мешунки – жолтата боранија, што не предизвикува гасови, гравот цацар и грашокот (вториот месец), портокаловата леќа…

Здрава мајка = здраво бебе

Доилката мора редовно да јаде, да почека за враќањето на првобитните килограми од пред бременоста, да не импровизира и да не ескивира со оброците, па да каснува нешто суво, од нога. Со добра организација, мајката може да најде време да го приготви оброкот, па макар и од претходната вечер – сѐ трае 24 часа. Ако добро се организира ќе биде и поодморена и ќе може да му се посвети на детето. Доилката по породувањето треба да знае каква е нејзината состојба во однос на диференцијалната крвна слика, липидите, гликемијата, хемоглобинот, хематокритот, електролитите, железото, калциумот, магнезиумот, за да може преку храната да си помогне и себеси и на бебето, да има здраво и хранливо доење. Важно е да се следи инстинктот што самиот доаѓа, да се воспостави организација и непрекината едукација којашто нема да ја најдете на интернет-форуми или во група на Фејсбук – за таа намена постојат стручни лица и стручна литература.

Тања Турунџиева, нутриционист во „Тагама“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот