Таму приказна – тука здравје – Слободен печат
Колумни

Таму приказна – тука здравје

Ах, ништо чудно што на кралицата одамна ѝ се побелени косите. Она што семејството може да ви го направи, никој. Има големи шанси, како што тргнало, и оваа година кралицата да ја прогласи за „annus horribilis“, или во превод, ужасна година.

И принцот го уби змејот, ја бакна принцезата и ја прекина лошата магија, ги победи чудовиштата, ја освои највисоката планина и најдлабоката пештера, го најде богатството, стигна во последен миг да ја спаси од давење, грабање, пљачкосување или нешто, не дај боже, уште полошо и така натаму, главно девојката, главно убавица и главно богата (може и сиромашна, ама убава, никако грда (макар што може да е грдуцка, ама убава во неговите очи, ајде да бидеме политички коректни и да не дискриминираме, убавината е во очите на… и така натаму)…

Значи каде сме, ах, кај принцот. И потоа приказната завршува и како што ги завршуваше баба ми Вероника, а и мајка ми, шампионки во приказни и во соочувачки со реалности – „таму приказна, тука – здравје“.

Принцот и многу младата девојка

Умни жени, умни. За да уживаме во приказните, ама да не се занесеме премногу кога еден ден ќе нè удри реалноста и ќе видиме дека ниту принцовите, а богами ниту принцезите, не се она што некогаш (мислевме дека) се. Или беа. Ете, на пример, принцот Андрју или Ендрју, ама по англиски е Андрју. Вториот син на кралицата Елизабета Втора. Кој деновиве е вплеткан во голема афера поради тоа што своевремено се дружеше со осудениот сексуален криминалец и подведувач на малолетни девојки Џефри Епстајн, кој поради скандалот се самоуби во затвор. Андрју, неговото височество, минатата недела даде интервју за Би-би-си да објасни какво му било другарството. Многумина го оценија интервјуто, во кое тој рече дека не се сеќава оти имал секс со 17-годишна девојка, дека се дружел со Епстајн, зашто кај него имало интересни луѓе и дека било згодно да спие кај него зашто имало доволно простор во неговата вила, како катастрофално.

По критиките дека не покажал ниту сочувство ниту каење, принцот објави соопштение дека се повлекува од јавните должности „за догледно време“. И ова следуваше откако добротворните организации што ги застапуваше, една по една почнаа да се оградуваат од него и не сакаа ниту „со стапче да го допрат“. Маките нема да му завршат тука. Ќе биде викнат да сведочи на судските процеси што се водат од, засега, наводните жртви на Епстајн. Значи, и принцовите треба да бираат друштво. Или кога-тогаш, вистината ќе излезе на виделина. Или, можеби во минатото немало закон за пристап до информации, ама сега има. Или, таму приказна, ама тука здравје што ќе се спаси од јавна осуда, а какво е времето, може и полошо. Кралското семејство нема имунитет.

Ужасна година

Ах, ништо чудно што на кралицата одамна ѝ се побелени косите. Она што семејството може да ви го направи, никој. Освен директорот на работа, ама за тоа, во друга прилика. Има големи шанси, како што тргнало, и оваа година кралицата да ја прогласи за „annus horribilis“, или во превод, ужасна година. Претходно, ужасната година ѝ беше во 1992 година, кога гореспоменатиот принц Андрју реши да се разведе од жената, кога и ќерката, принцезата Ана, реши да се разведе од мажот, кога беше објавена биографијата на писателот Андрју Мортон со пикантни детали за Дијана и нејзиниот брак со престолонаследникот, првородениот, миленикот, принцот Чарлс, и кога се случи пожарот во замокот Виндзор што, мора да се признае, е поприлично многу за една година и за една мајка, па макар мајката била и кралица.

Годинава, покрај Андрју, нешто и внуците Хари и Вилијам како да се раскарани, и снашките не се мирисаат многу-многу, си ги разделија добротворните организации, сопругот, принцот Филип, направи сообраќајка (да, да, вози на 98 години). А тоа не е сè!

Згора на сè, тука е и како Дамоклов меч виси над главата на монархијата и на Унијата, три и полгодишниот политички кошмар, наречен брегзит, кој требаше да ја заокружи 2019-та, ама никако да дојде. Што којзнае дали е добро е или лошо, зависи од која страна се гледаат работите. Брегзит. Како повикан гостин за кого потоа половина семејство не сака да чуе ниту да го види, а камоли да дојде, а другата половина не знае како да го пречека, колку да му подаде рака за поздравување колку од куртоазија, не за друго, дали да купи нешто или да му сврти грб и да се прави дека не го познава.

Лажење и смеење

А во меѓувреме, се забавуваме. Го одгледавме првото соочување на двајцата лидери на двете најголеми партии, конзервативците и лабуристите, Џонсон и Корбин. Дознавме ли нешто ново? Не. Истите партиски слогани и пароли. Ама, се изнасмеавме. Кога користам множина, не мислам само на мене и на маж ми дома, туку и на публиката во студио на Ај-ти-ви, а потоа и на коментарите по социјалните мрежи и медиумите. Значи, смеењето беше масовно. Посебно кога двајцата, но пред сè премиерот Борис Џонсон, беше прашан за неговиот интегритет како политичар и кажувањето вистина. И тој, без око да му трепне, изјави дека – тој бил и секогаш е оној што се залага за факти и за вистина. Публиката во студиото, ние во дневна, а ви гарантирам и речиси сите оние што ја гледаа дебатата, вклучително и членови на семејството (сите се негови критичари се залагаа земјата да остане во ЕУ) гласно се изнасмеаја. Потоа настапи Корбин, кој рече дека ќе национализира од железници, преку пошта, бритиш гас, електродистрибуција, само да дојде на власт. Ќе има ли доволно богати луѓе во земјата да бидат оданочени да ги финансираат овие планови, се смееме и се прашуваме ние во дневна, публиката во студиото и луѓето по социјалните мрежи и медиумите?

Се смееме, а за плачење е работата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close