Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште

Градоначалникот Стефан Богоев најави и други детски игралишта во претстојниот период.

Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште, во близина на слаткарницата „Рафаело”, долж булеварот „Партизански одреди”. Како што соопштина Општина Карпош, овој јавен простор целосно е уреден со реквизити за деца, клупи за седење и корпи за отпадоци.

Претходно, Општината организираше и анкета за да се утврди интересот на граѓаните за создавање детска зона во овој дел од населбата. Повеќе од 80 отсто од засегнатите жители дадоа „зелено светло”, а денеска се одржа маалска дружба, каде што повозрасните заедно со своите внуци имаа можност да се рекреираат.

Градоначалникот Стефан Богоев најави и други детски игралишта во претстојниот период.

– Следува изведба на детски игралишта и во Карпош 3, во Козле на ул. „Јуриј Гагарин”, Злокуќани, а во финална фаза е и инклузивното игралиште во Карпош 2, на улицата „Веселин Маслеша”, кое го правиме заедно со Градот Скопје. Оваа година Карпош ќе добие уште четири нови детски игралишта, но ќе продолжиме и со одржување на сите останати, замена на дел од подлогите, санација на реквизитите,…  Покажуваме дека јавниот простор може да се користи и за рекреативни цели, за маалски соживот и дружба, рече Богоев.

Една од примарните цели на локалната самоуправа е хуманизација на јавниот простор. Со овие нови, детско – рекреативни зони се добива нов простор за најмладите, во урбаното јадро, на места кои се карактеризираат со повеќе објекти за домување и локали. Маалата, населбите треба да ги задоволуваат потребите на што е можно повеќе граѓани. Хуманизацијата на јавниот простор е во насока на овозможување на содржини, детски катчиња, спортски и рекреативни зони за сите карпошани.

Општина Карпош ги повикува сите граѓани на правилно користење на урбаната опрема, клупите, корпите за отпадоци, реквизитите наменети за деца.

-Овие проекти се прават со пари на граѓаните, со што одговорноста за векот на траење на овие игралишта е кај сите нас, наведуваат од Општина Карпош. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот