Светскиот саем и нашата препарирана свест

Бојан Саздов

ЕКСПО, светскиот саем во Дубаи, е пример за пропуштените можности на нашата држава, за очигледното отсуство на стратегија за претставување и воопшто за немањето свесност и одговорност (и во 2022 година) за значењето на меѓународните настани.

На само неколку денови пред крајот на уште едно издание на Светскиот саем, ЕКСПО – овој пат Дубаи ЕКСПО 2020 (одложено за оваа година поради коронавирусот) имав шанса да го посетам овој импозантен светски настан на кој се претставуваат 192 држави и кој се очекува да го посетат повеќе од 25 милиони луѓе од целиот свет. Светскиот саем се одржува на неколку години и има за цел да им даде простор на државите да ги претстават своите достигнувања во различни сфери и да ја покажат својата визија за блиската и подалечната иднина, како и за прашањата што се од глобално значење. Додека светот се натпреварува да покаже колку напреднал и секоја држава ја прикажува својата визија за иднината и споделува идеи за решавање на различните глобални предизвици, ние на овие интернационални настани сѐ уште учествуваме колку за да учествуваме (и како успех го сметаме самото учество). Темите на годинашното ЕКСПО беа одржливост, мобилност и можност, под заедничкиот слоган „Поврзување на умови, создавање на иднината“ („Connecting Minds, Creating the Future“), а доминираа темите за зелена енергија, висока технологија и иновативност.

Самото тоа што ЕКСПО се одржува во Емиратите, ме наведе да очекувам грандиозен и раскошен настан со многу модерни градби – што секако беше случај, но за некој што првпат посетува настан од вакви размери, очекувањата ми беа далеку помали од она што ме дочека на самото место. Распослани на површина од над четири квадратни километри, со огромен централен плоштад, сместени се три тематски квартови, а во нив големи и мали, модерни и традиционални, вистински архитектонски чуда од павилјони со кои секоја држава се обидува да го привлече вниманието на реката љубопитни посетители. Самиот факт дека „главните“ павилјони (Јапонија, Кореја, Кина, итн.) беа достапни за посета со претходна резервација или со неколкучасовно чекање под силното пустинско сонце, може да илустрира колку е високо нивото и атрактивноста на ЕКСПО. Ова не е репортажа за настанот, ниту, пак, сум поттикнат од желбата да го пренесам моето лично воодушевување од ЕКСПО – иако го препорачувам секому што е во моментов во Дубаи или има можност да го посети некогаш. Како и секој човек, сакав да го видам претставувањето на својата држава, со надеж дека тоа ќе ме направи горд.

Реалност

Сместен на маргините на ЕКСПО, македонскиот павилјон ги пречекува посетителите со изложба на тема културно наследство и природа, претставени преку народни носии и неколку препарирани животни (навистина). На ѕидовите наоколу се истакнати постери со општа содржина, што некој кој штотуку ја видел централната купола Ал Васл, зелениот павилјон на Сингапур или виртуелното шоу во холандскиот павилјон и чие око е толку заситено, нема воопшто ни да ги забележи. Во самиот павилјон нема претставници од Македонија што ќе ги поздрават посетителите и ќе ги презентираат содржините, туку само – барем во моментот кога јас влегов – еден незаинтересиран домаќин. (Иако влегуваа со интерес, посетителите веднаш си заминуваа.) Погледнат со критичко око, павилјонот наликува на набрзина наредена изложба на која некој нѐ принудил да учествуваме. И се прашувам – зошто е тоа така? „Придобивките од учеството на Северна Македонија на Дубаи ЕКСПО 2020 се мултидимензионални. Тие овозможуваат пред сѐ подигнување на видливоста на земјава во регионот на Блискиот Исток, но и во светски рамки“ – стои во официјалните текстови за ЕКСПО.

Организација

Навистина не знам кој е одговорен за организацијата и целта не ми е да упатувам директна критика, само не можам да прифатам дека и во 2022 година немаме јасен план и стратегија за градење имиџ на државата на светската сцена. Кај нас сѐ уште владее мислењето дека самото учество на светски настан е успех (ова важи и за другите сфери). Некој сѐ уште очекува резултати (и дали воопшто нешто очекува или му е сеедно, се прашувам) без никакво вложување, без да направи модерно претставување, со јасен концепт, интересна приказна што ќе привлече внимание (за одушевување не смеам ниту да помислам). Без квалитетен промотивен материјал, без обучен кадар што ќе ги пречекува посетителите и ќе разговара со нив, без календар на настани и презентации итн. Без веб-сајт за претставувањето, само со страница на Фејсбук. Ако ги погледнете, на пример, претставувањата на Словенија и Србија, ќе го доживеете (во помала доза) она што самиот го доживеав и што сакам да го споделам – дека никому не му е грижа за нашиот имиџ во светот. И така доаѓаме до пораката што со овие бедни претставувања ја праќаме: ние сме држава што нема што да покаже. А не сме! Затоа е и овој мој текст.

Некритичност.

Пред да го посетам ЕКСПО многу малку знаев за нашиот настап, односно ја имав прочитано (и проголтано) веста за тоа дека Македонија е дел од овој глобален настан и лично бев задоволен (и возгордеан) што е така (и ќе останев, да не го посетев нашиот павилјон). Медиумите пренесуваат информации што ќе им се сервираат (речиси без исклучок, секогаш е така кога се работи за меѓународни настани, го знам тоа од лично искуство). Пишуваат за официјални посети на претставници, за средби на високо ниво и достигнувања, а никој не се потрудил да отиде и да ја пренесе реалната слика, да ги стави работите во контекст. И така, за јавноста ова е само некаков државен настан, без да биде свесна дека тој настан е многу позначаен, да речеме, од една Евровизија на која се посветува толку многу внимание, а од која резултатите се поразувачки, со еден исклучок. И сите со кои го споделив моето разочарување од македонското претставување на годинашното ЕКСПО, дури и оние што и самите го видоа, со доза иронија коментираа: „Па да не очекуваше нешто повеќе!?“ Дали е многу ако очекувам?

Што чини повеќе – цената на доброто претставување или загубата од лошиот впечаток?

Лично имам искуство со претставување на странски саеми (на книга, во Франкфурт, Париз и Белград) и знам дека не постои прирачник (или бренд-книга) што изведувачот треба да ја следи кога подготвува претставување на државата – што е многу чудно, бидејќи добива дозвола да ја претстави целата држава. Не постои ниту одговорен орган/агенција што ги координира и надгледува овие работи, оставено е на организаторот да смисли начин и да се снајде со буџетот што му е доделен за достојно претставување. Но, тоа воопшто не треба да биде така – некој мора да ја преземе задачата и да направи основа, план, стратегија и концепт на среден и долг рок што потоа сите ќе ги следат (сите што ќе работат во тој орган, или различните изведувачи). Но, кој е тој некој? Никој не знае. И затоа е така како што е. Колку за илустрација, од сферата на издаваштвото: на хартија постои Стратегија што предвидува формирање на Агенција за книга што ќе работи на промоција на литературата во земјава и во странство, но со години тој куп хартија стои во некоја од фиоките на Министерството, додека министрите доаѓаат и си одат.

Ако причината за оваа состојба е немањето средства, тоа е лош изговор – можеби цената што на крајот ја плаќаме е уште поголема. Но ако е тоа што мислам дека е – немањето волја, тоа не смееме да го прифатиме. Затоа што со создавањето лош впечаток пропуштаме можности што директно или индиректно нѐ засегаат сите нас. Не можам да молчам и да гледам како светот ни бега, а ние не преземаме речиси ништо; за тоа дека изгледа како да сме назад – а не сме; дека немаме што да покажеме – а имаме; за нашата веќе позната атмосфера на инертност и комформизам, безволие и летаргија, кои мораме веќе да ги отфрлиме, да ги надминеме. Нештата за кои сите тивко негодуваме, нештата што создадоа генерации незадоволни (да не речам столчени) луѓе или задоволни само од малку, или едноставно нешта поради кои креваме раменици и си гледаме само во сопствениот двор.

ЕКСПО 2020 е пример за пропуштените можности на нашата држава, за очигледното отсуство на стратегија за претставување и воопшто за немањето свесност и одговорност (и во 2022 година) за значењето на меѓународните настани. Секој настап е нова шанса да ја ставиме земјата на повидливо место на мапата на светот, да излеземе од сенката и да градиме имиџ на модерна и напредна земја – а не само на земја што има богата традиција и природни убавини (една од многуте). А за да се постигне тоа, очигледно, треба да се има многу енергија, волја, ресурси и најважно – да се разговара за идеи и за напредок наместо за дневни настани и скандали. А некој како упорно да не сака тоа да се случи.

 

(Авторот е издавач, претседател на Македонската асоцијација на издавачи)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот