Суеверие или традиција: Зошто новата година ја започнуваме со бакнеж?

Фото: Pexels

Одбројување, па бакнеж до драгата личност до вас и на крај – новогодишна честитка до сите присутни. Ова е познатото сценарио на почетокот на новата година. Но, како започнала оваа традиција?

Можеме да ја парафразираме познатата изрека и да кажеме дека сите обичаи водат кон Рим. Ова е точно барем што се однесува до денешните обичаи за зимските празници во западниот свет, кои влечат корени од римската Сатурналија. Овој пагански фестивал се одржувал помеѓу 17 и 23 декември, како знак на обожавање на Сатурн и одбележување на зимската краткоденица, пишува „Пут куфер“.

Богот на земјоделството бил почестен со украсување на домот со зеленило, давање подароци на најблиските, поминување време со пријателите и семејството и со богати гозби кои вклучувале вино, па луѓето биле доста пијани. Во таква состојба, бакнежот е логично продолжение на забавата, иако самиот чин на бакнување не бил официјален обичај на Сатурналија.

Фото: Pexels

Средновековниот викиншки фестивал Хогманај е стариот шкотски еквивалент на новогодишната прослава, каде покрај дружењето, танцувањето и пеењето, вообичаено било да се разменуваат бакнежи со најубави желби за новата година. Тие бакнежи не биле нужно од романтична природа – сите присутни се бакнувале. Овој обичај постои и ден-денес во Шкотска, каде што е сосема нормално да се бакнете со сите на полноќ.

Овој обичај се проширил и на други места во Европа, а подоцна го преминал Атлантикот и пристигнал во САД. Германските имигранти биле одговорни за ширењето, како што објави „Њујорк тајмс“ на 3 јануари 1863 година, со забелешка дека „срдечните бакнежи се разменуваа околу полноќ“. Во САД, Германците важеле за „подобри” имигранти од другите Европејци – доселеници, затоа нивните обичаи полесно се прифаќале и ширеле.

Новогодишниот бакнеж не е само моментална наклонетост, туку има и суеверно значење: додека часовникот отчукува пред почетокот на новата година, треба да бакнете некого ако не сакате да ја поминете целата година сами. Денес, полноќниот бакнеж е една од најраспространетите новогодишни традиции или, подобро кажано, суеверија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот