Судиите и обвинителите не им веруваат на своите Совети

Фото: МИА

Мнозинството судии и јавни обвинители не веруваат дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ги извршуваат свите функции за заштита на независноста и професионалниот интегритет во правосудството. Според анонимната анкета за истражувањето на ОБСЕ кој вчера ја промовираше Проценката за ризиците од корупција во правосудството, дури 72 отсто од анкетираните судии не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет делотворно ја штити независноста на судството, а само 26 осто се согласуваат. Исто така, значителен процент, 58 отсто од обвинителите не се согласуваат дека составот и процесот на избор на Советот осигуруваат негова независност и непристрасност, а 56 отсто сметаат дека одлуките на Советот не се донесуваат самостојно и независно.

За потребите на истражувањето испратени им се анонимни прашалници по пошта на 427 судии и 164 обвинители, а одговориле 212 судии и 83 јавни обвинители.

– Според домашното право, Судскиот совет е одговорен за заштита на судската независност и интегритет. Негова првенствена задача е да ги одбере најкомпетентните правни професионалци кои заслужуваат највисока доверба за да служат како чувари на владеењето на правото и правдата. Дополнително, Советот го оценува работењето на судиите, го потпомага нивниот професионален развој и ја определува отчетноста кога тие ги кршат темелните принципи на нивната професија. Имајќи ја предвид значителната моќ што е доверена на Судскиот совет, од императивна важност е тој да работи транспарентно и да демонстрира силна посветеност кон правичноста и меритократијата. Сепак, податоците од анкетата покажуваат дека судиите имаат значителен скептицизам во поглед на способноста на Советот да ја исполни својата улога како бранител на судската независност – се вели во документот.

Резултатите од анонимната анкета покажуваат дека значителен дел од судиите, дури 73 отсто не се согласуваат дека унапредувањето на судиите се врши на начин што се придржува кон објективни, мерливи и правични критериуми. Слично, значителен дел од судиите, 65 отсто изразува скепса за транспарентноста и објективноста на начинот на избор на судии. Понатаму, мнозинство од судиите, 57 отсто, не верува дека дисциплинските постапки покренати од Судскиот совет се водат објективно.

– Овие наоди служат како предупредување за Судскиот совет дека тој мора да преземе чекори да ги зајакне своите внатрешни механизми на контрола и рамнотежа и да се погрижи своите должности да ги врши согласно со највисоките стандарди, особено кога се занимава со такви критични надлежности. Високиот процент на судиите кои изразија незадоволство треба да служи како аларм за будење за Судскиот совет, зашто е јасно дека Советот не исполнува една од своите првенствени одговорности – се констатира во документот.

Истражувањето исто така утврди дека значителен дел од судиите, 62 отсто, не го смета Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење. Ова согледување укажува дека иако законодавната рамка што го регулира основањето на Советот и ги дефинира обврските и отчетноста на членовите на Судскиот совет е усогласена со меѓународните стандарди и принципи, колективното однесување на Советот не ги отсликува овие вредности во очите на правосудството. Како резултат на ова, само 32 отсто од судиите веруваат дека составот и начинот на избор на членовите на Судскиот совет ја обезбедува неговата независност и непристрасност, додека 67 отсто од судиите имаат спротивно гледиште.

Согласно со анкетата, 51 отсто од испитаниците веруваат дека изборот на членовите на Судскиот совет кои судиите ги избираат од своите редови е фер и транспарентен. Сепак, значителен дел од судиите, 47 отсто изразија  несогласување, што сугерира дека има забележливо ниво на скепса меѓу судиите во поглед на правичноста на процесот на избор на членовите на Судскиот совет од редот на судиите.

– Со споредување на податоците со истражувањето од 2009 година во однос на Судскиот совет е забележително дека мислењата на судиите останале речиси неизменети повеќе од една деценија. Ова дава причина за загриженост, имајќи ги предвид значителните вложувања во судските реформи. Интервјуата со судиите кои беа дел од Проценката открија дека преовладува чувство на скептичност и недоверба, при што речиси сите испитаници изразија загриженост за потенцијалното политичко влијание врз работењето на Судскиот совет. Ова влијание може да резултира со унапредување на политички лојални судии, пред оние кои тоа повеќе го заслужуваат врз основа на своите професионални квалификации и постигнувања – констатира документот.

Како што судиите се скептични во однос на Судскиот совет, јавните обвинители исто така чувствуваат резервираност во поглед на улогата и ефикасноста на Советот на јавни обвинители. Значителен процент, 58 отсто, не се согласуваат со тезата дека составот и процесот на избор на Советот осигуруваат негова независност и непристрасност, додека 56 отсто имаат став дека одлуките на Советот не се донесуваат самостојно и независно.

Над половина од обвинителите не се согласуваат дека именувањата се вршат на објективен и транспарентен начин и дека унапредувањата се вршат согласно со постојните законски критериуми. Имаат и впечатливо ниво на скепса околу начинот на кој во пракса се води постапката за утврдување на одговорноста на јавниот обвинител, при што 39 отсто од нив не се согласуваат дека оваа постапка се води објективно и непристрасно.

– Советот на јавни обвинители игра витално важна улога во определувањето на севкупната професионална клима во која работат јавните обвинители. Советот го следи работењето на јавните обвинители, одговорен е за нивното именување и унапредување и одлучува по иницијативите за нивно разрешување – се вели во документот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот