Стравот како политичка доктрина

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Атмосферата што ја создаваат менаџерите на стравот наметнува императивна мисла дека јавноста воопшто не треба да чека обвиненија, судења и судови, туку „предавниците“, такаречи, веднаш треба да се однесат на бесилка. Мора да се влее страв во свеста на луѓето.

Сите ние живееме со тих и горчлив живот, впрочем, со каков што веќе со столетија живеат милиони наши луѓе кои страдаат во нашиот „македонски дел од пеколот“. Во вековната магла на робување за туѓите господари, нашите луѓе, криво, ги учеле и ги научиле дека животот им е даден од Бога и тоа само за да им служат на богатите. И, уште, ги учеле и ги научиле, дека нема никаква потреба ваквиот магарешки живот да се менува. Жално. Гледајќи ги работите и мерејќи ги настаните со ваквото „историско“ и возвишено искуствено мерило, нашите народни „мудреци“, отсекогаш, многу не се возбудуваа за ништо, за сè имаа објаснување, а молчаливата трпеливост им беше modus vivendi“, оти, нели, „секому неговото“! И „наведната глава, сабја не сече“. Оти, сè има свое време. Секоја сила во своето време, па, оттаму, на секоја ќе ѝ го видиме крајот…

Денес, сета „светска мудрост“ се состои од – ширење страв! Тоа е политичка доктрина на неолиберализмот. Господарите на светот, со цел да ја сочуваат својата империјална хегемонија, стравот го претворија во секојдневна состојба на човековата свест на повеќе од седум милијарди луѓе. Сиот неолиберален микс од военозаплашувачки закани, атомски бомби, пропаганди, медиумски инквизиции и глупости, расте на сите страни како оркан, та затоа луѓето се претворени во маломозочни преплашени глувци кои беспоговорно и молчаливо им робуваат на газдите и политичките шефови.

Кај нас, партиските војници, со цел „нивните“ да ја поседуваат власта, секојдневно ни се јавуваат во улога на обвинители и судии, па иако самите плашливи, сепак од позиција на толпа затскриена, најчесто, зад компјутерската тастатура, на македонските граѓани им влеваат егзистенцијален страв. За нив неразбирливо е во државава ништо „трагично“ да не се случува. Незамисливо им е да се соопштуваат некакви „нормални“ вести, па затоа, ако треба, се измислуваат и се пласираат вести за „скората пропаст на земјата Македонска“. Така создаваат „грозница на времето“, која е состојба на колективна болест во која има масовна фикција дека Македонија секој нареден ден дефинитивно ќе пропадне.

Сета таа катастрофична свест создава шизофренично чувство дека под целата држава се поставени нагазни мини кои катадневно експлодираат и се закануваат со пропаст на државата и народот. Тие мини, иако измислени, треба да се „отстранат“, а таа задача ја има, кој друг, ако не „партиските војници“, односно егзекутивните „независни“ новинари, партиските интелектуалци и уличните тепачи. Таа фантазија е толку многу соблазнувачка за партиските идеолози, што се трудат со сета сила да ја докажат како реална и стварна, па после тоа сакаат да се јават токму тие како „спасители“ на државата. Знаат тие дека со стравот од „пропаста“, јавноста постојано се држи напната, нервозна, небезбедна и погодна за манипулација. Затоа се служат со сите средства: целосни измислици, лажни вести, скандали, секојдневни апокалиптични партиски соопштенија… Тие сметаат на глупоста на македонското население и на неговата ничеовска „кравска“ болест, во која, веднаш, секој момент, се заборава што се правело претходниот момент, а се заборава и тоа дека овие исти нострадамуси веќе ја имаа прогласено државата за мртва и непостоечка.

И, навистина, операцијата на произведување масовна паника за секојдневната „пропаст на земјата Македонска“ се одвива поволно за теоретичарите на катастрофата. Деноноќно медиумите се преполни со страшни нешта, медиумските редакции се претворени во мизансцен за производство на вести за опасноста за опстанокот на народот и пропаста на државата, а граѓаните се толку возбудени и заплашени, што со бесни и агресивни коментари бараат смрт за поинаквите и предавниците. Целиот систем на „заговор против државата“ е, навидум, откриен, опишан и разобличен, а апокалиптичната опасност е детектирана, додека предавниците се жигосани и обзнанети на јавноста, па оттаму текстови како овој, во кои се укажува на глупоста и штетноста од таквата атмосфера во која царува свеста за катастрофа, или се игнорираат, или се прогласуваат за невтемелени измислици.

Секако, атмосферата што ја создаваат менаџерите на стравот, наметнува императивна мисла дека јавноста воопшто не треба да чека обвиненија, судења и судови, туку „предавниците“, такаречи, веднаш треба да се однесат на бесилка. Мора да се влее страв во свеста на луѓето, оти како што Кочо Рацин „Во каменоломот“, пишуваше: „Свеста, тоа е силата!… Таа господари со светот и отсекогаш создава и руши светови, таа го држи со челична врска човекот и живее како џиновски организам по целава Земјина топка. Таа мисли преку идеологијата, цивилизацијата и културата, таа диши преку законите, принципите, религијата, уметноста, битот и обичаите, а ја открива својата одвратна опачина во војните, бедата и експлоатирањето…“

Така, партиските војници, кои замислиле да ја исправат искривената свест на противникот, всушност во своите тесни и слабо осветлени мозоци негуваат фашисоидна потреба за предизвикување страв преку закани со насилство и убиство на политичките противници, а секој партиски насилник и криминалец замислува дека тој лично е државата и дека може да води државна политика, да опоменува, казнува, да се заканува, да тепа и убива. И, токму таквата шизофрена политичка свест на многуте партиски функционери и војници оневозможува да се постигне минимална општествено-политичка хармонија, како и државно и национално единство, неопходни за прогрес на државата. Поинаку кажано, стравот како политичка доктрина ги дава своите негативни резултати и затоа е нужно тој наметнат ирационален страв да го надминеме и да ја зголемиме македонската државотворна самодоверба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот