Старите фотопроцеси ќе се вратат со фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“

Првиот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ ќе биде најавен со изложбата на фотографии „Да растеме заедно!“, која ќе биде отворена на 4 јули, во продажниот салон на Културно-информативниот центар – Скопје, со почеток во 20 часот.

На изложбата ќе се претстават неколку алтернативни автор(к)и. Кети Талевска – Бакревска, со своите лумен-принтови. Викторија Мачковска со автентични цијанотипии. Мартина Павлоска, со нејзините весели полароиди. И Сашо Алушевски, со цијанотипии од циклусот „Пикторијализам“. Опремата на изложбата е на Владо Димоски.

– Фестивалот „Зрно“ изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шароликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографијата кај нас. „Зрно“ се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. „Зрно“ е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативната фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. „Зрно“ сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да забави, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себеси. Да дише… за да можеме… да растеме заедно! – истакнуваат организаторите на фестивалот.

Во рамките на работната програма на првото издание на фестивалот „Зрно“ ќе се случуваат работилници за алтернативна фотографија, на Матка, крај Скопје, на кои ќе учествуваат дваесетина љубители на благородните фотографски процеси од регионот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот