Средба Заев-Лајчак: Поддршката од Словачка за отворање на преговори продолжува
Премиерот Заев денеска се сретна со Мирослав Лајчак, претседавач на ОБСЕ и вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Словачка, кој со делегација престојува во дводневна официјална посета на нашата земја.
– Работиме напорно на реформите и на одржување пријателски односи со соседите, обезбедивме безбедност и стабилност во земјата, водејќи се од европските вредности како владеењето на правото, инклузивен процес за носење на законите, независно судство. Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко, дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните – нагласи премиерот Зоран Заев на денешната средба.
Наведе дека, Северна Македонија бара шанса, којашто, како што рече премиерот, искрено верува дека сме ја заслужиле, а тоа е започнување на преговорите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека чувството е одлично кога граѓаните на Северна Македонија гледаат дека соседот Грција се бори државата да добие датум за преговори.
– На средбата, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Заев и Лајчак изразија заедничко задоволство од пријателските односи меѓу двете земји, со тенденција за понатамошно унапредување, а особено беше истакната поддршката која Северна Македонија ја има од Република Словачка за нејзините интеграциски процеси во НАТО и Европската Унија, соопштија од владината прес-служба.
Наведоа дека, Заев на Лајчак му се заблагодарил за поддршката во овој, како што рече, важен момент за државата, кога од клучно значење за земјата е донесувањето на одлуката за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
– Премиерот изрази задоволство и за Ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, во словачкиот Парламент и ја истакна личната посветеност на Лајчак, како претседавач, за имплементација и решавање на приоритетите на словачкото претседателство на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) – информираа од владината прес-служба.
Имено, на средбата позитивно била оцената соработката со институциите на ОБСЕ, во насока на постигнување на европските стандарди во заштита и промовирањето на националните малцинства, изборните стандарди, во прашања поврзани со јакнењето на слободата на медиумите.
– Словачката поддршка за отворањето на преговорите е јасна и продолжува. Северна Македонија го направи невозможното, го реши повеќедеценискиот спор со Грција и сега треба да биде овозможено добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ – истакна Лајчак, посочувајќи дека нашата земја е пример, преку кој се покажува дека процесот на проширувањето на ЕУ е жив и напредува.
Тој упати честитки до Владата за посветеноста и храброста при преземањето на сите чекори.
Заев и Лајчак заклучија дека Договорот од Преспа е фокусиран на иднината, а не на минатото и дека тоа е добар пример како треба да се решаваат проблемите меѓу соседите во регионот и пошироко.