Средба со вокалната солистка Сара Александровска од групата „Авелина“: Веруваме во духот на поднебјето

Приказната за „Авелина“ почнала со вокалната солистка Сара Александровска

Уникатната неофолк музичка формација „Авелина“ деновиве на музичките платформи го промовираше видеоспотот за темата „Темна гора“, а тоа беше повод за средба со вокалната солистка Сара Александровска.

Истражувајќи ги корените на македонскиот фолклор во потрага по музичка инспирација и поврзување на современите музички текови и традиционалните народни мотиви, групата „Авелина“ открива мноштво изненадувачки сличности и разлики кои ја нагласуваат посебноста на македонскиот фолклор.

Создавањето на групата течело многу природно, а приказната почнала со вокалната солистка Сара Александровска, на која со текот на времето ѝ се придружиле и другите членови на групата.

Деновиве актуелен е вашиот нов спот „Темна гора“. Што е тематска инспирација за песната и за визуелизацијата на истата?

– Централната мисла и чувство зад „Темна гора“ е потребата да се пренесе вистината за тоа дека природата е живо битие, не само физички туку и духовно, исто како и нас луѓето, пропратно на тоа како сегмент се појавува духот на предците, кој е неразделен со силите на природата, закопување на мечот како чин кој укажува на крај за потребата од крвопролевање и еден стремеж за преобразба на темнината, неслогата и колективниот народен товар во слога, слава и светлина.

Под вашите спотови го забележуваме хаштагот неофолк. Колку со вашата музика трагате по исконски звук?

– Ние веруваме во духот на поднебјето (Spiritus Loci) и веруваме дека на различни места на планетата различно се изразува тој дух, иако истиот секаде зборува за една вистина. Моментално постои цел еден бран на музички состави кои создаваат ренесанса на минатото, на нивните стари богови и на нивните предци заедно со силите на природата.

„Авелина“ е еден мал фрагмент од тој бран и го претставува изразот на духот од нашите простори. Ние како група тешко сe приклонуваме кон било кој жанр, но неофолк или новосоздадена народна музика е една генерализација која може да даде некакво приближно објаснување.

Група „Авелина“

Првиот албум „Од екот на предокот“ го објавивте во 2020 година за „Wire Entertainment“. Како дојде до формирањето на групата и кои се вашите следни чекори?

– На самиот почеток „Авелина“ беше соло проект на Сара Александровска и излезе само еден сингл со наслов „Извор“, за кој, исто така, беше направен видео запис, потоа спонтано се вклучија и Воислав Пехчевски, Дамјан Поповски, Деа Плевнеш, Бојан Лазаревски, Илија Трпковски, Никола Наумовски и Тијана Милошевска. Последно како гостин на песната „Alexander enters Babylon“ гостуваше и Марко Гапо. Како соработник во „Темна гора“ учествуваше и Горан Трајкоски.

„Авелина“ е отворена за соработки со било кој музичар кој има порив да придонесе за бранот во кој што постоиме. Сега сме во процес на изработка на ЕП-то „Воинот на Големата Мајка“, од кое „Темна гора“ е дел, а веќе е спремно и тлото за следниот албум, кој ќе опфаќа еден општествен човечки размер прикажан низ концентрат на античките богови кои биле обожувани на овие простори во минатото.

Концертен настап на „Авелина“

Од каде е земено и што значи името на групата – „Авелина“?

– Името „Авелина“ си дојде само по себе во едно внатрешно патување, а потоа го истражувавме и сфативме дека придавката Лин-а доаѓа од древните англо-саксонски фамилии кои биле магови и свештеници и свештенички на природата, како на пример Мер-Лин. Случајно, во тој период една блиска пријателка имаше направено театарска претстава за деца, каде што главниот лик се викаше Авелина и таа беше самовила заштитничка на шумите. Така што заклучивме дека „Авелина“ е дел од сите нас што сакаме да ја заштитиме природата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 213, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот