Србија мора да најде начин да ги интегрира десетиците илјади мигранти од Русија

Руски мигранти го обиколија светот - Фотографија ЕПА, Џебт Терикез

Низ Србија поминале повеќе од 300.000 државјани на Русија, а останале околу 50.000. Безвизниот режим им овозможува во Србија да престојуваат до 30 дена како туристи, но тоа не одговара на природата на нивниот престој, кој е подолготраен и кој е поврзан со војната во Украина

Србија мора да изнајде начин да им помогне да се интегрираат на повеќе од 50.000 Руси што пристигнале во изминатата година, вели Радош Ѓуровиќ, директор на Центарот за заштита и помош на баратели на азил.

Ѓуровиќ за агенцијата Бета истакна дека од почетокот на војната во Украина низ Србија поминале повеќе од 300.000 државјани на Русија, а останале околу 50.000. Тие го користат безвизниот режим, кој им овозможува во Србија да престојуваат до 30 дена како туристи. Но, тоа не одговара на природата на нивниот престој, кој е подолготраен и кој е поврзан со војната во Украина.

– Кога говориме за руските државјани, ако не се во брак со српски државјани, ако тука немаат недвижен имот и ако немаат пријавен работен однос, тие мора да го регулираат престојот напуштајќи ја Србија и враќајќи се на секои 30 дена, со надеж дека граничните служби ќе ги пуштат повторно во земјата. Тоа е неодржлив начин некој да престојува подолго во оваа земја – објаснува Ѓуровиќ.

Тој додава дека само мал дел од руските мигранти побарале азил, едвај неколку десетици. Таквиот тренд, пак, има други правни последици.

– Проценуваме дека околу 20 отсто од сите руски имигранти имаат регулиран престој врз основа на работа, брак или недвижен имот, а сите други се принудени да се снаоѓаат со напуштање и враќање во Србија – вели Ѓуровиќ.

Главните причини за доаѓањето во Србија се тешката ситуација во Русија, проблеми поради политичката определба, несакањето да учествуваат во војната, но и затворањето на работните места како последица на санкциите наметнати од западните земји. Руските државјани во Србија главно се сместени во Белград, но ги има и во другите градови. Тие честопати се собираат, комуницираат, создаваат заедници и настојуваат да се развиваат.

– Се разбира дека од аспект на системот и интересот, овие луѓе треба што поскоро да бидат вклучени во општеството. Треба, пред сѐ, да биде регулиран нивниот престој, а потоа да бидат интегрирани, не да се чека поради отежнувачки околности да ја напуштат земјата и да се обидат да побараат друго место за живот – вели директорот на српскиот Центар за заштита и помош на баратели на азил.

Тој потсетува дека слична била ситуацијата и пред стотина години, кога по Октомвриската револуција во Србија пристигнале речиси ист број луѓе, главно високообразовани, како и денес.

– Тогаш постоел посебен одбор формиран од државата заради нивна интеграција. Се размислувало и се развивале планови не само за тоа каде луѓето ќе бидат распоредени да престојуваат и да живеат, туку и како да се организираат, какви работи да изведуваат, каква помош им е потребна. Таа држава во некоја смисла била многу поефикасна и плански работела на решавање на вакви проблеми – вели Ѓуровиќ.

Тој се жали дека властите повремено истакнуваат дека на тие луѓе им е неопходна заштита, но во реалноста нема ни конкретни акции ни планови.

– Србија не е единствената земја во која во голем број доаѓаат државјани од Русија. Во слична ситуација се и Турција, Казахстан, Грузија и Ерменија. И во тие земји луѓето доаѓаат без визи и настојуваат да останат. Во Турција тие имаат огромна поддршка, како и во Казахстан. Таму постојат сите услови луѓето да останат – вели Ѓуровиќ.

Тој додава дека многу земји, како Канада, посакуваат таков бран од високообразовани мигранти што сакаат да останат и да се интегрираат во општеството. Предноста на Србија е што јазикот е сроден, а има и низа слични културни традиции.

– Во Србија се наместени сите коцки од големиот мозаик, кој сега треба да го задржиме да не се растури. Тоа е голем предизвик кога станува збор за општество на кое му се потребни тие нови жители, кои се продуктивна работна сила. Ова е голема можност, кое нашето општество не смее да ја пропушти – вели Радош Ѓуровиќ, директор на Центарот за заштита и помош на баратели на азил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот