Србија и Косово денеска парафираат договори во кои наводно нема взаемно признавање

Фото: balkaninsight.com

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на потпишувањето на „економските договори“ меѓу Србија и Косово во Вашингтон во кои, според РТС, нема точки за меѓусебно признавање. Потписници на документите треба да бидат спрскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдула Хоти, откако содржината во нив беше усогласена доцна синоќа.

Белата куќа соопшти дека Трамп во петок во 11 часот по локално време ќе ги поздрави Вучиќ и Хоти и ќе учествува на свеченото потпишување на економските договори. Попладнево, пак, се предвидени и одвоени средби на Вучиќ и Хоти со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Вучиќ вчера пред новинарите, по првата рунда преговори во Вашингтон, потврди дека за време на состанокот му е предложен нацрт договор во кој се споменувало взаемно признавање, што тој го отфрлил. Притоа изрази убеденост дека таква точка повеќе нема да биде во документот насловен како „Економска нормализација“.

Косовскиот премиер, пак, не одговори на прашањето дали имало таков предлог, меѓутоа нагласи дека Белата куќа досега никогаш не нудела штетни договори за Косово.

– Можам да кажам дека неприфатливи договори за Косово никогаш не дошле и нема да дојдат од Белата куќа. Постигнавме голем напредок во делот на економска соработка и чекор поблиску сме до заклучување на ова прашање, бидејќи се што зборуваме со Србија се однесува на признавањето. Направивме голем чекор кон приближување. Ниту беше поставено, ниту некогаш ќе биде поставено прашањето за границите“, изјави Хоти за приштинските медиуми.

По првата рунда преговори, на Твитер се огласи и специјалниот претставник на Трамп во преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел кој напиша „ова беше продуктивен ден. Негувам надеж“.

Оптимизам сподели и Роберт О’Брајан, советник на Трамп за национална безбедност.

– Многу добра рунда разговори со лидерите на Србија и на Косово. Направивме вистински напредок“, твитна О’Брајан.

Професорот по политички науки и стручњак за Балкан од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер изјави дека преговорите во Белата куќа ги толкува како обид на Трамп „да продаде некаков успех на меѓународен план, независно од резултатот“.

– Не би толкувал како доказ дека договорот треба да биде навистина потпишан и дека ќе претставува навистина нешто што ќе влијае во односите меѓу Србија и Косово“, изјави Бибер за Н1.

Србија и Косово во јануари оваа година, со посредство на Гренел и О’Брајан, потпишаа писмо со намери за повторно воспоставување на авионска релација меѓу Белград и Приштина која 21 година е во прекин, а подоцна и за развој на железничкиот и патен сообраќај. Тоа беше постигнато во време на блокада на дијалогот меѓу Србија и Косово што се води под капа на Европската Унија од 2011 година.

Застојот настана во ноември во 2018 година со воведувањето на стопроцентни такси на косовските власти за увоз на производи од Србија и од БиХ што новиот косовски премиер Хоти ги укина во јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот