Совети од м-р Тиана Ивановска, психолог: Празниците често се тригер за тага

М-р Тиана Иваноска / Фото: Приватна архива/[exels

„Најчест совет што им го давам на клиентите е да се фокусираат на пронаоѓање сопствен начин на славење или едноставно бивање за време на празниците. Важно е да си ја пронајдеме сопствената дефиниција за она што за нас значи новогодишен и божиќен период“, вели психологот.

Радост, безгрижност, топлина – ова се првите асоцијации за претстојните празнични денови. Многумина ги доживуваат новогодишните и божиќните празници како период од годината кога сите се среќни и опуштени во друштво на најблиските.

Сепак, сѐ повеќе луѓе се чувствуваат тажно и осамено за време на овој период. Притисокот дека мора да се прославува на одреден начин, финансиската криза и чувството дека не сме ги постигнале сите цели во текот на претходната година, се само дел од нештата што придонесуваат за лошо расположение во пресрет на празниците.

На оваа тема разговараме со м-р Тиана Ивановска, лиценциран психолог и сопственичка на „Себесложувалка“, која ни споделува корисни совети како да си помогнеме доколку се соочуваме со т.н. празнична депресија.

Што претставува сезонското афективно растројство, односно т.н. зимска или празнична депресија?

– Сезонско афективно растројство е вид на депресивна состојба која се јавува под влијание на сезонски промени и најчесто е проследена со обрасци на однесување кои се појавуваат за време на есенските и зимските периоди. Точната причина за појавата на оваa состојба не е утврдена, но научниците сметаат дека кратењето на денот и помалото присуство на сончеви зраци влијаат на намалено ниво на серотонин и мелатонин во крвта, кои може да предизвикаат промени во расположението. Кај единката кај која се појавува САР, карактеристично е намалено расположение, чувство на безволност и немоќ, ниско ниво на енергија кое, пак, може да придонесе за зголемено внесување храна, особено на производи во кои има големо количество шеќер.

Како да си помогнеме ако имаме чувство на празнина и безнадежност за време на празниците?

– Би се изненадиле колку често работам со клиенти кои не чувствуваат празнична еуфорија. Идејата е дека во медиумите најчесто се пласира идеализирана слика за богата топла трпеза, полно среќно семејство со сите членови на број, отворање на голем број подароци и слично. Во реалноста празниците често се тригер за тага доколку сме изгубиле близок член на семејството, или, пак, интензивирање на чувството на самотија и празнина доколку минуваме низ некаков тежок период. Најчест совет што им го давам на клиентите е да се фокусираат на пронаоѓање на сопствен начин на славење или едноставно бивање за време на празниците. Дали тоа ќе биде во вид на собирање со пријатели, гледање на добро филмче, подготвување на сопственото омилено јадење или можеби правење план за претстојната година и поставување цели, важно е да си ја пронајдеме сопствената дефиниција за она што за нас значи новогодишен и божиќен период.

Фото: Pexels/Anna Shvets

А, што ако некоја наша сакана личност се соочува со депресивно расположение – како треба да постапиме во таа ситуација?

– Многу е важно да не им вршиме притисок на луѓето што не чувствуваат празнична еуфорија да ја чувствуваат. Тоа кај нив раѓа чувство на несоодветност, бивање товар за другите и може да придонесе до влошување на состојбата. Доколку сметате дека некој ваш близок се наоѓа во депресивна состојба, покрај тоа што може да го поддржите да побара стручна помош, постојат и други начини на кои може да бидете тука за него/неа. На пример, може да ги повикате самите блиски луѓе да ви споделат што и дали воопшто нешто им се прави. Доколку немаат апсолутно никаква желба, обидете се со мали чекори за активности. На пример, прошетка низ маало или, пак, заедничко испиено кафе. Понекогаш и телефонски повик може да биде доволен за некој кој се бори со сопствените маки. Вашата присутност е сосема доволна за да се чувствуваат важно и значајно.

Една од првите асоцијации на божиќните празници е идилична слика на семејство на богата празнична трпеза. Како да се справиме со чувството на осаменост ако ги поминуваме празниците сами?

– Слично како што одговорив на прашањето погоре, идејата е да создадеме сопствени дефиниции за празнување. За некого празнување може да значи и повик до пријатели што не ги чул одамна. Или, пак, прошетка со своето милениче во паркот за миленичиња отспротива. Сѐ може да биде празнување. сѐ додека ние се чувствуваме соодветно со она што го правиме.

Фото: Pexels/RODNAE Productions

Социјалните мрежи се исполнети со празнични објави на кои сѐ е совршено. Како да не се споредуваме со другите доколку нашата реалност не е толку убава?

– Најдобар начин да се избегне совршеноста е да се свртиме кон себе и да се обидеме да направиме јасна граница помеѓу она што нас лично ни е потребно и она што ни е наметнато како некаква идеализација од општеството и околината. Во ова прашање, рака под рака, би ги донела и концептите за доволност и благодарност. Секако, овие нешта колку и да изгледаат едноставни, не е лесно да се постигнат пред да се исчистат процесите од минатото кои не ни дозволуваат да се чувствуваме доволни со она што сме во моментот. Токму затоа посетувањето на психотерапевт или психолог е од клучна важност за подобрување на сликата за себе.

Понесени од празничната еуфорија, многумина од нас прават листа со новогодишни одлуки и цели. кои треба да ги оствариме во годината што следува.

Како да не бидеме премногу строги кон себе ако не сме ги направиле сите оние работи што сме си ги ветиле во јануари?

– Можеби така што ќе ставиме помалку работи на листата? Хаха. Јас лично не правам листа во јануари, најчесто се трудам да проверам во која насока ќе ме води претстојната година. Има години што сами по себе се интензивни, а некои, пак, повикуваат на повеќе одмор и обновување на здравјето и енергијата. Сѐ зависи од нашиот капацитет за адаптибилност и смалување на потребата да се контролира сѐ што правиме или би правеле во 2023.

Фото: Pexels/Andres Ayrton

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот