Совети од Клиника „Жан Митрев“: (Не)соодветна употреба на витамини кај децата

Фото: Промо

Важно е да знаеме кога треба да се направи дополна на витамини кај децата, а тоа се неколку состојби: Дефицит на витамини, заради намален внес или намалено присуство на витамини во исхраната; Примена на рестриктивни диети со смалена количина на витамини; и болести и состојби при кои имаме смалена односно неадекватна реабсорпција на истите.

Фото: Промо

Витамин Е. Го има во растителните масла, семките, јаткастите плодови, житарките. Се смета за важен антиоксидант и има антибактериско дејство. Дозволена доза на користење е 4-13mg/дневно, во зависност од возраста. Иако нема јасен токсичен ефект, сепак даден во високи дози може да предизвика мускулна слабост, замор, гадење и дијареа. Витаминот Е даден во високи дози над 1000mg/дневно може да предизвика крварења. Дефицит на витаминот Е кај децата се среќава при гастроинтестинални малапсорпции како и кај вродени нарушувања на апсорпции и скалдирање во црниот дроб. Клинички знаци на дефицит на витаминот Е се манифестираат како хемолитичка анемија, периферна неуропатија, ретинопатија, атаксија, миопатија и смален одговор на инфекции. Во споменатите состојби, суплементацијата со витамин Е е задолжителна, дури и кога не е до крај извесно колку долго ќе се дава и кој ќе биде неговиот долготраен ефект. Суплементирање на витамин Е го намалува ризикот на појава на интравентрикуларни крварења и ретинопатија, кај предвремено родените новороденчиња, но не и кај екстремно премтаурни бебиња. Од неодамна витаминот Е се употребува и во третманот на неалкохолен стеатохепатит, а лабораториските параметри покажале подобрување на хепаталните ензими. Побројни се студиите кои го испитуваат дејството на витаминот Е кај болести кои се карактеризираат со хемолиза. Позитивен ефект е постигнат кај пациентите со бета таласемија преку намалување на оксидативниот стрес на засегнатите органи.

Фото: Промо

Витамин А. Се наоѓа во храна од животинско потекло, но исто така и во овошја и зеленчук кои содржат каротеноиди, а кои се прекурсори на витамин А. Витаминот А е есенцијален за адекватен вид, за мускулната функција и за добри имунолошки реакции. Препорачана дневна доза за педијатриската популација е 200-500 микрограми, зависно од возраста. При предозираност (акутна токсичност) на витамин А се јавува гадење и повраќање. Витаминот А е токсичен при давање во бременост, па така ќе предизвика вродени дефекти на раѓање. Главоболка и интракранијална хипертензија може да бидат симптоми при акутно или хронично интоксицирање со витамин А. Предвремено родените деца имаат ниско ниво на Витамин А на раѓање, но нема доволно студии кои би го поткрепиле давањето на Витамин А во мускуларна форма. Витаминот А се смета дека поседува потенцијал за контрола врз гликемијата, наголемувајќи ја осетливоста на инсулин, хормон кој го контролира зголеменото ниво на гликоза во организмот. Во однос на имунолошкиот систем и регулацијата на имуниот одговор се смета дека витаминот А игра улога во продукцијата на Т-лимфоцитите како и улога во имуномодулација на имунолошкиот одговор.

Фото: Промо

Витамин Д. Се прима по орален пат преку храна која е многу богата со активната форма на витаминот, како риба, жолчка од јајце, полномасни сирења и путер. Фундаментален е за соодветен развој на коските, го одржува метаболизмот на калциум и фосфор и овозможува реапсорпција на калциум. Препорачана диететска доза за витамин Д е 10 и 15микрограми/дневно (1 микрограм е соодветен на 40 (IU) интернационални единици на Витамин Д). Доколку е витаминот Д во вишок од дозволенета доза, може да даде токсичен ефект со зголемување на калциумот во серум и појава на бубрежна калциноза. Затоа се препорачува проверка на нивото на витамин Д во серум кај доенчиња и деца кои се на долготрајна супституција со витамин Д. Недостигот пак, на витамин Д е поредок, а се случува често кај болести со лоша апсорбција, болести на црн дроб и бубрези, при хронични терапии со лекови како Фенитоин, Карбамазепин, кортикостероиди, антигабични лекови. Кај предвремено родените бебиња дневната суплементација со витамин Д оди во повисоки дози во однос на доносените деца. Студии укажуваат на поволните ефекти на витаминот Д во состојби на Диабетес тип 2, но и Дијабетес тип 1, со оглед на тоа дека витаминот игра улога во генската експресија и вон клеточната диференцијација и пролиферација. Витаминот Д има јасен имуномодулаторен ефект како на вродениот така и на стекнатиот имунитет. Се смета дека даден во адекватни дози витаминот Д кај луѓето го смалува ризикот за мултиплекс склероза, идиопатски јувенилен артритис, а кај луѓето кои се веќе засегнати со таква состојба го намалува ризикот од влошување и релапси. Кај Кронова болест и кај системски Лупус витаминот Д ја смалува тежината на симптомите. Иако се смета дека има голема улога во автоимуните болести, сепак потребни се понатамошни студии за следење на ефектите на витаминот Д, а особено се неопходни студии кај болните од респираторни болести и астма, за кои сеуште нема јасна потврда.

Во Клиника „Жан Митрев“ достапни се тестови за испитување на присуство/отсуство на витамини, секако во согласност со препораките од нашите педијатри. За да закажете термин јавете се на тел. 02/3091-484

Д-р Катерина Василева Димовска
Специјалист по педијатрија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот