Собраниската опозиција поднесе Предлог-закон за дополнување на Законот за заштита од заразни болести

Денес во Собранието на Република Македонија, пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии, Алијанса и Алтернатива, како и Левица, поднесоа Предлог – закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, но овој пат, во редовна постапка.

„Сакаме да напоменеме дека пред неколку денови, овој ист Предлог – закон го поднесовме до Собранието во скратена постапка, но владеачкото мнозинство и нејзините пратеници ја одбија потребата од брзо носење на овој Предлог – закон по скратена постапка.

Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со останатите опозициски пратеници нема да се откажеме од потребата за донесување на ова важно законско решение и токму затоа овој пат апелираме до владеачкото мнозинство и Владата, детално и суштински да го разгледаат овој Предлог – закон и истиот да го прифатат.

Имено, со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, бараме формирање на посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието на Република Македонија и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19 која што очигледно од ден на ден се повеќе се влошува.

Составот на Комисијата ќе биде на предлог на Владата, а го избира Собранието на Република Македонија. Истата се предвидува да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.

Овој Предлог – закон предвидува донесените препораки од страна на Комисијата да бидат јавни и да се доставуваат до Владата, која што потоа ќе има обврска и ќе мора задолжително да постапува по истите.

Целта на овој закон е да се формира Комисија која што ќе биде составена од професионалци, докажани во своите области и кои што со своето објективно и стручно работење и носење на одлуки, ќе допринесат за решавање и нормализирање на тешката состојба во која што се наоѓа Република Македонија предизвикана од Ковид-19 кризата, но и од катастрофалната здравствена политика која ја води оваа влада предводена од СДСМ.

Ние како одговорни и загрижени пратеници, наша обврска и задача е постојано да нудиме издржани и квалитетни законски решенија и мерки и соодветно и навремено да реагираме бидејќи целата македонска јавност е сведок дека оваа Влада на СДСМ и овие  здравствени власти на чело со министерот Филипче, немаат капацитет да се справат со последиците предизвикани од КОВИД 19.

Оттука, уште еднаш апелираме до пратениците од владеачкото мнозинство, да го поддржат ова предлог-законско решение и конечно наместо партискиот интерес, во преден план да го стават интересот, безбедноста и здравјето на сите граѓани во Република Македонија.“, се наведува во соопштението од опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот