Со родителите од Битола се иселуваат и првачињата

Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Проблемот со иселувањето на младите во Битола се чувствува во многу области. Но, истиот е најизразен во училиштата каде е драстично намален бројот на запишани првачиња, коишто од први септември треба да седнат во училишните клупи.

Тоа што е најстрашно покрај иселувањето на младите битолчани е што со нив се иселуваат и нивните деца, кои своето основно образование го почнуваат во странство.

Во учебната 2023/2024 година според списокот што го достави МВР до Општината Битола во прво одделение треба да се запишат над 950 првачиња. Но, според податоците на Општина Битола во прво одделение во битолските основни училишта, годинава се запишале само 765 првоодделенци, или за 185 помалку.

Ваквите бројки ги натераа директорите на училиштата да побараат од Советот на Битола за учебната 2023/24 година да им дадат согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици, согласно Законот за основно образование.

– Оваа одлука на Советот ни беше неопходна поради намалениот број на запишани деца во прво одделение-стоеше во барањето кое едногласно го усвоија советниците на последната седница на Советот на Општина Битола.

Иселувањето и падот на наталитетот се очекува и во иднина да го намалува бројот на ученици во основните и средните училишта во Битола.Најмногу се иселуваат младите. Тие се новите родители кои имаат првачиња кои требаше да се школуваат во Македонија. Но, тие се повеќе се иселуваат од државата и нивните деца се школуваат надвор од Македонија.

– Ние се соочуваме со сериозен проблем со намалувањето на првачиња. Според нашите статистики и во наредните години се очекува намалување на бројот на првачиња за 13 проценти-вели директорот на ОУ „Стив Наумов“ од Битола, Никола Пискачев и додава дека оваа година во ОУ „Стив Наумов“ се запишале 116 првачиња што пак претставува зголемување на бројот на првачиња во споредба со минатата година кога школската година ја почнале 89, но трендот е намалување на првачињата во градот Битола.

Проектот што го спроведува Министерството за образование и наука е за оптимизација на паралелки каде што има голем број на училишта каде што паралелките се со помал број на деца и во почетна фаза во тој пилот-проект е влезена и Битола при што се бара оптимизација за првачињата каде што во едно одделение може да бидат 20 ученици до максимум 30.

– Ќе видиме како ќе функционира овој пилот-проект во Битола. Еден од главните фактори за ваквата состојба, а тоа го гледаме и од бројките и од статистиката е иселувањето, бидејќи голем број на млади луѓе се иселуваат а исто така од статистиката гледаме дека границата на склучување на бракови е поместена. Некои ќе речат можеби и финансиската ситуација. Да, во одреден процент е така, меѓутоа и одредени анализи покажуваат дека голем број на добро ситуирани семејства ја напуштиле државата-вели Пискачев.

Ваквиот тренд на намалување на бројот на ученици, негативно ќе се одрази врз примањето на нови кадри во битолските училишта.

– Можеби ќе имаме се помалку нови вработување во училиштата, бидејќи треба да се направи некоја реорганизација за да се задржат тие што се. Со овој тренд, во иднина професијата наставник ќе биде неблагодарна, бидејќи ќе нема каде да работат наставниците, затоа што ќе нема доволно ученици-вели директорот на ОУ „Стив Наумов“ Никола Пискачев.

Загрижувачки се бројките и во битолските средни училишта. И во нив се формираат паралелки што се под законскиот минимум од само 25 ученици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот