Со парите што ги дававме за една векна, сега може да се купи пола лепче!

Фото: „,Слободен печат'' - Драган Митрески

Нови цени на лебот, уште повисоки, има од завчера во продавниците. Едно мало лепче од 250 грама на „Жито лукс“ чија цена беше 25 денари, сега е 28 денари. До не така одамна, големиот леб од 480 грама, „Жито лукс“ го продаваше по оваа цена – 28 денари. Сега веќе неговата цена е 49 денари.
Производителите на леб и печива велат дека трошоците, особено за струјата, или гасот, им се огромни. „Жито лукс“ на берзата објави дека го заврши првото полугодие од годинава со загуба пред оданочување од 747.000 евра.

„Глобалниот тренд на растечки цени на сите видови енергија (гас 320 проценти и струја 247 проценти во однос на минатата година) придружено со зголемените цени на сите суровини во прехранбената индустрија (пченица 41 процент), имаше големо влијание врз резултатите од работењето на компанијата во првата половина од 2022 година. Одлуката на Владата за замрзнување на цените во првите два месеца од годината доведе до негативни нето-резултати, кои беше тешко да се покријат во месеците што следуваа. Компанијата ја заврши првата половина од 2022 година со загуба пред оданочување од 45.954.000 денари“, пишува во извештајот на компанијата за работењето до 30 јуни.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ вели дека корекциите на цената на лебот што се вршат во изминативе денови се резултат на новиот раст на цената на струјата и на гасот во август во однос на јули.

– Цената на гасот во август е 100 проценти поголема отколку во јули. Цената на струјата достигна и до 500 евра за мегават-час. Сите зборуваат за растот на цената на лебот, а не кажуваат со колкави трошоци се соочуваат компаниите, а тие, пак, ги зголемија цените на лебот само за 10 проценти. Владата мора да преземи мерки за да ги заштити компаниите од ценовните шокови на гасот и на струјата. Со вакви цени, ако производителите не ги зголемуваат цените на своите производи, треба да стават клуч на врата – вели Малишиќ.

Производителите на жито велат дека жетвата на пченицата е завршена и дека на крајот е постигната цена од 19 и 19,5 денари за килограм додека минатогодишната цена е 10 денари за килограм.

– Зголемувањето на цената не се должи на поскапата пченица, затоа што од новото брашно од нашето производство, леб сè уште не се меси. Годинава имавме помали приноси од очекуваното. Колку тони се собрале од жетвата уште не сме сумирале, но ќе има региони што испорачале помалку пченица од лани. Она што е добро годинава е што во кооперантските односи постигнавме договор за чување на пченицата во силосите. Тоа значи дека кој сега не сака да земе пари, ќе земе кога има потреба и тоа според тогашната актуелна цена, што значи дека може да земе и повеќе пари, ако се такви берзанските цени – изјави Перо Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци.

Малишиќ објаснува дека зголемувањето од 100 проценти веќе е влезено во пресметката на новата цена на лебот.

– Ние во последниве месеци веќе купуваме по цена каква што сега нудат домашните производители. Што се однесува до домашното производство, колку имаа – толку сега откупивме, но приносите потфрлија. Какви ќе бидат во иднина цените на берзите, тоа не го знаеме – вели претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Порталот Пари, врз основа на податоците од платформата Бизнис мрежа, ги објави минатогодишните добивки на најголемите производители на леб и печива. Лани „Диме“ остварил добивка од 400.000 евра, „Жито Скопје Силбо“ 289.000 евра, „Жито леб“ – Охрид 200.000 евра, а „Специјал“ 64.000 евра. „Жито Лукс“ и лани бил во загуба, а таа била 287.000 евра.

Во која земја од Западен Балкан најмногу поскапе лебот?

Извор: Радио Слободна Европа/ Обработка на податоци: Иван Самарџиев

Лепчето од 250 грама на „Жито Лукс“ стигна до 28 денари!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот