Со мултимедијална изложба ДЛУМ ќе го одбележи сеќавањето на два јубилеја

Покана за отворањето на изложбата

Групна изложба со наслов „Скопски урбани приказни – Во 5 и 17“, организирана од ДЛУМ, а со цел сеќавање и бележење на два значајни јубилеја, 60 години од Скопскиот земјотрес и 2023 – Година во чест на Ацо Шопов, од 3 до 9 јули ќе биде поставена во КИЦ – Скопје и на повеќе локации низ градот Скопје.

ДЛУМ со оваа изложба влегува во програмата на „Скопско лето“. На изложбата ќе бидат изложени делата на дваесет и тројца уметници кои се поканети од кураторката Дијана Томиќ Радевска. Преку класичен, интердисциплинарен и мултимедијален пристап, овие уметници ќе ги прикажат своите дела на различни локации во централното градско подрачје на Скопје.

Една од забележливите карактеристики на оваа изложба е вклучувањето на текстот „Во пет и седумнаесет“ од реномираниот македонски поет Ацо Шопов. Оваа потресна песна е посветена на земјотресот во Скопје и духот на светската солидарност. Спојот на литературата и ликовната уметност, како и синергијата на сетилата, емоциите и интелектот, ветуваат возбудлива прошетка низ градот преку уметност.

Свеченото отворање на изложбата, на кое ќе се обратат Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева Чупоска, и Дијана Томиќ Радевска, куратор на проектот, ќе се одржи на 3 јули, во 17.17 часот, во КИЦ (Културно-информативен центар). Во паркот и во продажната галерија на КИЦ во Скопје ќе бидат претставени делата на десет уметници.

Патувањето потоа ќе продолжи до Францускиот институт Скопје – изложбена галерија, каде што ќе бидат изложени дела на двајца уметници. Следна локација е приватната галерија „Грал“ (мала галерија и билборд), каде се претставени делата на седум уметници. Изложбата ќе продолжи до улицата „На липите“ во Дебар маало (Буњаковец), каде што ќе биде поставена објектна инсталација од уметник.

Финалето на изложбата ќе се одржи во Градската кафеана „Пелистер“, каде ќе бидат изложени две уметнички инсталации, а како гости ќе учествуваат соработници од училиштето ДУЦОР „Партенија Зографски“, кои ќе го презентираат текстот на Ацо Шопов „Во 5 и 17“ на македонски знаковен јазик.

Мапа на изложбата

Со свои дела на изложбата учествуваат уметниците: Марина Лешкова, Вана Урошевиќ, Нина Гештаковска, Жанета Вангели, Маја Стефановскa, Тања Таневска, Соња Димовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Игор Сековски, Маја Кировска, Дејан Иванов – Маргуш, Ѓорѓе Јовановиќ, Борче Богоевски и Тања Ристовска, Кристијан Јованоски, Драганчо Таневски, Ива Станковска, Душан Стефановски, Динев Ѓорѓи, Стефан Јакимовски. На изложбата ќе биде доделена и награда за најуспешно остварување, која е спонзорирана од галеријата „Акантус“, како партнерска соработка со ДЛУМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот