Со амнестија ќе се ослободуваат кревети во пренатрупаните затвори, за новиот закон се очекува широка поддршка од пратениците

Затвор Идризово / Фото: МИА

Од Министерството за правда не соопштуваат повеќе детали околу новиот предлог-закон за амнестија за полесни кривични дела се додека готовиот предлог текст не го разгледаат 4-те пратенички групи по што се очекува да биде процесуиран во Собрание.

-Предлогот на министерот за правда Кренар Лога начелно е прифатен од сите фактори и пратенички групи во земјава. Од овој закон корист ќе имаат многу граѓани на кои ќе им се даде дополнителна можност за ресоцијализација, соопшти Министерството за правда.

Оттаму нагласија дека овој предлог доаѓа по успешната амнестија на лицата кои сториле прекршоци за време на Ковид пандемијата, иако и тој закон доцнеше, па во затворска ќелија од почетокот на годинава се спроведоа десетици прекршители на ковид мерките кои се надеваа дека Законот ќе биде усвоен пред да добијат упатен акт за затвор. „Слободен печат“ веќе пишуваше за такви случаи кои се најдоа во затвор уште во јануари, а Законот за амнестија во Собранието беше донесен по скратена постапка дури во март годинава. Околу 200 лица што од јануари отслужуваа 3-месечна затворската казна веќе во март секако ќе беа ослободени, но уште 300 прекршители на ковид мерките без оваа амнестија ќе завршеа зад решетки.

Амнестија за полесни кривични дела

Новиот предлог закон за амнестија за полесни кривични дела според Правда има за цел да ја намали пренатрупаност во затворите и драстично да се ослободат затворските капацитети, со што ќе се создадат оптимални услови за другите затвореници.

За пренатрупаноста во затворите особено во КУП Идризово редовно алармира и Народниот правобранител но и невладините организации за заштита на правата на граѓаните, а претставува и проблем и за одржување на редот за затворската полиција која чека засилување најмалку од 100 нови чувари, но засега за нив нема одобрување од Министерството за финансии.

За безбедноста на затворот, надвор и внатре веќе втор месец се грижи Армијата и полицијата. Припадниците на Армијата го обезбедуваат надворешниот прстен во затворот, додека полицијата внатрешноста на најголемиот македонски затвор. Според министерот за внатрешни работи, откако Армијата и полицијата ја презедоа оваа должност по прогласувањето на вонредната состојба во јуни годинава, намален е бројот на бегства и корупцијата која е горлив проблем зад ѕидните на најголемата затворска установа во државата, но и во другите затворски капацитети.

За амнестија на дел од затворениците како еден од начините како да се реши пренатрупаноста во Идризово, во емисијата „Утрински печат“ пред две недели зборуваше криминологот Љубомир Ѓурчески. Тој предложи осудениците за полесни кривични дела кои одлежале дветретини од казната да заминат дома, но да добијат условна казна која ќе ја определи судот според кривичното дело.

-Сите оние кои се осудени за кривични дела до 5 години затвор тоа се кражби, имотни деликти, сообраќајни деликти итн, а издржале две третини од казната да бидат пуштени условно, и на одреден период судот ќе определи дали за 2, 3 или 5 години да не сторат ново кривично дело и така да се ослободи затворот за да може она што ќе остане внатре да ја издржува казната, а тоа се најтешките сторители на кривични дела, каде имаме и лица осудени на доживотна казна, навистина да се применат методи на нивна ресоцијализација согласно пенолошките регулативи кои постојат во државата, рече Љубомир Ѓурчески во емисијата „Утрински печат“.

Министерството за правда очекува сите пратенички групи да го поддржат новиот предлог – закон за амнестија, а зависно од висината на казната на која ќе се однесува амнестијата, можно е брзо на слобода да се најдат и дел од осудените функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои сега ги отслужуваат затворските казни.

Итно подобрување на условите во затворите

Затворот Идризово има и ургентна потреба од реновирање, санација на санитарните чворови и набавка на нови кревети за затворениците.  Во последниот извештај од народниот правобранител беше нотирано дека затворениците во КПУ Идризово спиеле по двајца во ист кревет, а во некои делови од затворот, немале ниту по еден метар квадратен од човек, иако европските затворски правила налагаат да има 4 квадратни метри по осуденик ако се во заедничко домување, а по 6 квадратни метри ако се во самица.

Последниот поголем затвор, оној во Куманово, со капациетот за сместување на 250 затвореници е пуштен во употреба во 2013 година. Најава за изградба на нов затворски капацитет засега нема.

Пред три години беше изграден нов Воспитно поправен дом во тетовско Волковија за машките малолетни престапници. Остана нерешено прашањето за сместување на осудените малолетнички кои казната ја отслужуваа во женското одделение во затворот “Идризово” лишени од правото на образование и ресоцијализација во затворски услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот