
Сменетиот директор на Неврологија Кузмановски се извини, вели дека се кае за своите постапки
Разрешениот директор на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски, за кого на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како подготвува прашок за шмркање и зборува за купување кокаин, вечерва преку „Фејсбук“ упати извинување и искажа каење за своите постапки.
Препорачано
„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, пишува Кузмановски.
Само два часа откако беше објавено видеото, министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека донел решение за разрешување на д-р Кузмановски од директорската функција.
Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, попладнето соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, се наведува во соопштението од владејачката партија.
ВИДЕО: Се појави снимка од директорот на Неврологија со кокаин, Алиу експресно го разреши