СЛОБОДЕН ПЕЧАТ ДОЗНАВА: Можни се избори на 28 јуни?

Фото: Архива

Се очекува дека претседателот Пендаровски нема да донесе трета одлука за вонредна состојба затоа што надлежните почнаа да ги разлабавуваат строгите мерки за социјална дистанца и полицискиот час и почна да се зборува за постепено враќање на секојдневието, отворање на училиштата и рестораните итн.

Предвремените парламентарни избори најверојатно ќе се одржат на 28 јуни, дознава неофицијално „Слободен печат“ од извори блиски до владејачката СДСМ. Деновиве наголемо се лицитираат можни датуми за гласањето и се споменуваат крајот на јуни или почетокот на јули, иако за двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ официјално за избори е рано, а во моментов најважен приоритет е здравјето на граѓаните, кое е под закана од пандемијата со коронавирус.

Важноста на втората одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба во траење од 30 дена истекува на 16 мај, а во првата половина на мај тој ќе одржи лидерска средба, на која ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори. Се очекува дека претседателот нема да донесе трета одлука за вонредна состојба затоа што надлежните почнаа да ги разлабавуваат строгите мерки за социјална дистанца и полицискиот час и почна да се зборува за постепено враќање на секојдневието, отворање на училиштата и рестораните итн.

Дополнително, партијата Левица ја оспори пред Уставниот суд втората одлука на Пендаровски за прогласување на вонредната состојба, а самиот претседател, свесен дека Уставот има недостаток, при второто прогласување истакна дека „ја презема одговорноста за да го заштити здравјето на граѓаните, на кои им е јасна логиката и оправданоста на ваквите мерки, но тие ќе траат во разумен период, бидејќи ќе предизвикаат проблеми на подолг рок“. Пендаровски тогаш рече и дека треба да се дефинира план за постепено фазно враќање во нормала, „бидејќи ќе мора да научиме да живееме со вирусот на подолг рок“.

Ако на 16 мај не биде повторно прогласена вонредна состојба, се очекува Владата да донесе нова уредба за изборниот процес, кој беше „замрзнат“ со уредбата од 22 март, кога Владата ги прекина сите дотогашни изборни дејства. Тоа го очекува и Државната изборна комисија, која во заклучокот за прекинување на изборните дејства наведува дека „сите дотогашни активности се сметаат за важечки, а преостанатите дејства ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето нова владина Уредба за изборниот процес“.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за „Слободен печат“ изјави дека по вонредната состојба ќе донесат роковник, но датумите во него ќе ги определат според Изборниот законик. Изборите требаше да се одржат на 12 април и беа прекинати на 24 дена пред гласањето, но следниот изборен датум нема да се определи на 24 дена по прекинот на вонредната состојба, затоа што прво ќе мора да се ревидира Избирачкиот список.

– Во него треба да се внесат сите оние лица што ќе бидат полнолетни на датумот што ќе биде определен за гласање, а тоа може да се прави откако ќе заврши вонредната состојба. За да донесеме нов роковник, потребно е прво да се донесе решение со кое е определен нов датум за изборите, а ДИК не го определува датумот за избори – изјави  Дерковски за „Слободен печат“.
Со оглед на овие околности, распуштеното Собрание кое нема да се состане, потребата од контрола на Владата која носи уредби со законска сила, како и опасноста наесен да има нов бран на заразата со коронавирусот, скорешното одржување на изборите се наметнува како најлогично решение, со запазување на сите мерки за безбедност на гласачите на изборниот ден. Од актуелните политичари досега само генералниот секретар на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, се изјасни дека „најдобар термин за одржување на предвремените парламентарни избори е крајот на јуни“.

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, пак, во својата последна колумна, во која предлага наскоро да почнеме со постепена нормализација, смета дека „откако ќе се врати животот колку-толку во нормала и кога постепено ќе почне да се отвора економијата, треба веднаш да почнат да течат роковите за избори и да се организираат на 14, 21 или 28 јуни 2020 година. Државата и економијата не може да издржат одлагање на изборите и губење дополнително време“.

Новиот датум за изборите се очекува да биде договорен на лидерската средба кај претседателот, до кога би требало да се расчистат и другите дилеми, како онаа на кој начин да биде поништено решението на спикерот Талат Џафери, со кое тој ги закажа изборите на 12 април, што е потребно за да може да се утврди новиот датум за бирање на десеттиот пратенички состав во Македонија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот