Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров носи приказна за рогот на изобилството

Авторот Никола Маџиров со сликовницата „Рокчето“

Првата книга за деца од поетот Никола Маџиров, „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска, а во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, беше промовирана на 30 јануари во присуство на многубројна публика во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“.

Сликовницата „Рокчето“ е авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев.

– Рогот како симбол знае да ни го донесе животот кога се пие од него, знае да биде како симбол на смртта како футрола за барут, но во овој случај рогот е симбол на новиот почеток. „Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај што зборува за сите светови и времиња собрани на едно место – во рогот на еден вол, рогот на изобилството – објасни Никола Маџиров.

Книгата ја промовираше уредничката Оливера Ќорвезироска, како втор промотор зборуваше писателот Ермис Лафазановски, а на промоцијата присуствуваше и авторката на илустрациите Анета Илиевска.

Промоција на сликовницата „Рокчето“ во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“

– Претставувањето на оваа сликовница содржи најмалку две „првости“, односно три, заедно со промотивниот настан. Првата е за Никола Маџиров, како негова прва книга за деца, иако е еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Втората првост е за Анета Илиевска, бидејќи ова е нејзина прва комплексна, самостојна, вистинска сликовница со којашто станува и илустратор. Третата првост е тоа што ова е прва промоција на „Арс Ламина“ во новиот модерен простор на „Литература.мк суперстор“ – потенцираше Оливера Ќорвезироска.

Ќорвезироска објасни и дека, зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка во која тој еднакво е и поет и раскажувач.

– Формата „приказна во приказна“ или „кутија во кутија“, како што ја дефинирал Марио Варгас Љоса, во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедото му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук, а читателите ја слушаат / ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои, исто така, се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), а друг во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен) – објасни Ќорвезироска.

Илустраторката Анета Илиевска истакна дека, иако со Никола Маџиров претходно не се познавале лично, соработката се одвивала со многу креативни надополнувања.

Промоторот Ермис Лафазановски ја долови пораката на „Рокчето“ истакнувајќи дека во нашите народни приказни воловите и биковите обично се претставени како добри животни кои секогаш се дружат со дечињата и им помагаат, така што пораката на сликовницата е, меѓу другото, и љубовта меѓу животните и децата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 216, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.2.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот