Скопје плански се менува, Скопје раззеленува!

Доволно е само да се прошетаме за викенд во Градскиот парк во Скопје за да согледаме колкаво значење има оваа зелена оаза за здравјето на скопјани, за нивните деца и миленици, и за многубројните видови птици.

Скопје си има своја историја на паркови од отоманско време, од Ислаханскиот парк подигнат во 1905 година. Првобитните граници на Градскиот парк биле високите тополи, кои се особено видливи на разгледници од Скопје од отоманскиот период. По макотрпна работа на повеќе градинари, инженери и архитекти во период од неколку децении, паркот „Идадија“ бил значително проширен и го добил името Градски парк. И по Втората светска војна, паркот се ширел, реконструирал, обновувал, а денешниот облик го добил по изработувањето на главниот проект, пред околу половина век.

Наместо за урбаното зеленило, ДПМНЕ се грижеше за палмите

Кога денес шетаме покрај раскошните дрвореди во стариот дел од паркот, или околу езерцата во поновиот дел, треба да имаме на ум дека ова непроценливо богатство на градот е резултат на визијата, планирањето, работата и упорноста на многу генерации скопјани. Многу наши сограѓани  – паркобрани – со децении вложувале љубов, работа и грижа во скопските паркови за ние денес да уживаме во нив.

За жал, вековната традиција на негување на скопското зеленило, и во отоманскиот, и во српскиот, и во социјалистичкиот период, беше прекината со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Повеќе од две децении, кога ВМРО-ДПМНЕ имаше мнозинство во Советот, бевме сведоци на безмилосно узурпирање на јавниот простор на сметка на парковите и зелените површини. Доволно е само да се потсетиме на истражувањето „Ни снемува дрвја“, кое на највидлив начин – преку споредба на сателитски снимки на малиот ринг, ни предочи како ги снемува дрвјата и зелените површини.

Ги снемуваше не само во ДУП-овите, туку и во реалноста – околу кејот на Вардар, плоштадот и улицата „Македонија“. Ги снемуваше и во другите делови узурпирани од мегаломанскиот антиеколошки проект „Скопје 2014“. Уште во  2013 година беше јасно дека има 50 отсто помалку зелени површини отколку во 2002, со тенденција до 2017 година да се намалат за уште 50 отсто. А како да не се намалат, кога единственото зеленило за кое тогаш се грижеше ВМРО-ДПМНЕ беа скапите палми покрај несудените скопски плажи? И џабе толку ги топлеа зиме и ги прскаа лете, кога пак им завршија исушени на буниште.

ДПМНЕ – партија што си ја сече гранката на којашто седи

Кога ДПМНЕ имаше апсолутна власт, се однесуваше апсолутно неодговорно – буквално како партија што си ја сече гранката на којашто седи. Исекоа 33 дрвја за да го изградат седиштето на најбогатата партија во Европа. Како криминалци, во 3.30 часот, ноќе, исекоа уште 18 дрвја во паркот кај Бристол, обезбедувани од неколку стотици „специјалци“. Ги уништија и дрвјата и парковите покрај улица Македонија, Илинденска, бул. Св. Климент Охридски, и на многу други места. Но, „паркобраните“ се ширеа како печурки по дожд и спречија урбанистичко узурпирање на зеленилото во Чаир, Карпош и на повеќе други загрозени локации во Скопје.

За жал, не успеавме да го спречиме ВМРО-ДПМНЕ во урнисувањето на парк-шумата Водно, со „Беверли хилс“, „Сончев град“ и патот до него кој ја осакати шумата. Не ја спречивме прескапата „Панорамска кула“, пропаднатото „Македонско село“, жичарницата, криминалното урбанизирање на Водно заради парцелите на „пастирот“ и фамилијата. Имавме само среќа што Коце „Исушена палма“ не успеа да го реализира неговиот сон за ски-центар на Водно – налудничава идеја која неповратно ќе ги осакатеше белите дробови на Скопје.

Скопје раззеленува – паркобраните се живи!

„Каде се сега паркобраните?“ – честопати го слушам истиот рефрен во разни прилики. Паркобраните се живи, не се секирајте. Паркобраните лобираа да се донесе Законот за урбано зеленило за да запре уништувањето и за да се зголеми процентот на зелени површини. Паркобраните издејствуваа најмалку 20 отсто од секоја градежна парцела да бидат наменети за зелена површина. Паркобраните работеа на зелениот катастар, на мапирање и ослободување на заробените стебла и корења на дрвја.

Паркобраните успеаја наместо барокизиран Градски трговски центар, да имаме зелен покрив на ГТЦ (надоместок на уништеното зеленило во Мал ринг). Паркобраните обезбедија уште два зелени покрива – „Дом на градежници“ и „Мавровка“ (надоместок за уништеното зеленило на универзитетскиот кампус). Паркобраните го возобновија паркот „Сарај“ и другите стари запуштени скопски паркови изградени по земјотресот. Паркобраните го очистија и го уредија кејот, од двете страни на Вардар, кој е составен дел од градскиот парк – и се изборија за реконструкција на мостовите, а следува и на главните патеки.

Тука се паркобраните – живи и здрави. Се борат и се изборуваат за нови дрвореди и зелени површини покрај улиците, тротоарите, вело-патеките, со системи за наводнување капка по капка. Гледаат како новите булевари и кружни текови се градат по план, со модерно булеварско зеленило и хортикултурно уредени зелени појаси. Пуштаат во употреба нови зелени скверови каде што имало диви паркинзи (како паркот „Ибн Пајко“) или запуштени тревници. Поставуваат ново зеленило во дворови на средните училишта, со системи за наводнување и содржини за рекреација. Пробиваат нови зелени коридори каде што имало запуштени површини. Некогашните депонии ги претвораат во паркови – како новиот парк во Кисела Вода и во Карпош (во изградба). И се радуваат кога ЈП „Паркови и зеленило“ урива рекорди за подигање и обновување зелени површини.

Зелено Скопје – можело и поинаку

Имаме визија и план за систематско и долготрајно раззеленување на градот. Имаме визија и план како да се изградат зелени коридори што ќе ги поврзат Градски парк, парк-шумата Водно, паркот Гази Баба, Чаир, Ѓорче и Сарај… Имаме визија и план како да се изградат паркови таму каде што се најпотребни, и како да се создаде мрежа од зелени појаси и паркови за да можат скопјани да се шетаат, спортуваат, рекреираат или возат на точак и во жешките денови – во едно зелено Скопје, во кое полесно се дише!

Вистинските паркобрани го менуваат и го раззеленуваат Скопје со висококвалитетни садници, според план. За нашите деца и внуци еден ден да се гордеат со нас, како што се гордееме со паркобраните кои ги засадиле столетните дрвореди во Градскиот парк. За еден ден да можат да кажат – и татко ми/мајка ми, беа паркобрани: се изборија за раскошниов дрворед во парков низ кој чекориме сега.

 

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот