Скопје, ќе те биде – и како велоград и како зелен град за сите!

Ваљон Салиху Фото: Град Скопје

Скопје и скопјани, наше е да работиме, а ваше е да нѐ поттикнете и да нѐ охрабрите уште толку повеќе да сработиме. Никој не успеал сам во животот и никогаш нема да успее. Дури сме заедно во оваа убава приказна наречена Скопје.

Пред некој ден, имав прилика да седнам со другари од детството во моето маало. Со другарите со кои пораснав, муабетејќи си го вративме времето наназад. Времето кога паркот во Чаир беше парк без згради и често игравме фудбал со голови направени од камења. Времето кога маалото ни беше помирно и со многу помал број на жители. Времето кога најголемите куќи што можеше да ги видиш во тој реон беа до два ката.

Враќајќи се наназад, заклучивме дека 90-тите беа најубавите години за живеење и растење во наше маало. Тоа беше период кога моите родители ми го купија и првиот велосипед, црвен „бе-ем-икс“, кој си го засакав од првиот ден и кој ми ја вроди љубовта кон велосипедизмот. Тогаш Скопје можеби немаше велосипедски патеки, но имаше простор – простор за возење велосипед и играње на улица имаше колку сакаш.

 

Погрешните политики го уназадија градот

 

За три децении, властите што го водеа градот успеаја комплетно да го уништат северниот дел на Скопје. Овој дел беше сосема запоставен и немаше инвестиции во конкретни проекти кои би го олесниле животот на граѓаните. Погрешните политики го уназадија градот оставајќи ги локалните шерифи да си тераат агенди од кои само тие имаа корист. Јавните простори ги узурпираа, тротоарите не ги гледаме, нови објекти никнуваа насекаде без никаков стандард. Зеленилото се сведе на минимум, пешачките патеки се пренаменија за паркинзи. Се отворија многу мали бизниси што ја загадуваат околината, а обврските за чистење се сведоа на површински ангажмани (тоа што може да се види).

Овие околности никогаш не ме обесхрабрија да го користам велосипедот секојдневно. Во школо одев со велосипед, во чаршија навечер излегував со велосипед, до приколката во Езеро Треска преку викенд одев со велосипед. Мачно беше да живееш во Чаир и да го користиш велосипедот секојдневно.

 

Со капитални проекти решаваме клучни проблеми

 

Ако ги анализираме последните три години од развojот на Скопје од сообраќаен аспект, особено за велосипедистите како мене, можеме да заклучиме дека има надеж. И последните проекти што ги најави градоначалникот Шилегов – пробивањето на улицата што ќе ги спои Џон Кенеди и Пластичарска (булевар Никола Карев), како и двете клучки кај Момин Поток, решаваат тесни сообраќајни грла и го одзатнуваат крвотокот меѓу двете страни на Скопје, не само за возилата, туку и за пешаците и за велосипедистите.

До крај на мај градот завршува со проширување на улицата Никола Карев и летово стартува проектот со двете клучки кој за две и пол години отвара нови сообраќајни коридори помеѓу северниот, западниот и јужниот дел. Новата сообраќајна инфраструктура овозможува ширење на Скопје на левата страна на Вардар, која станува подеднакво атрактивна за градба и за нови инвестиции (како, на пример, „Ист гејт“ и најавениот „Лидл“). Не зборуваме само за нови сообраќајни, туку и за нови зелени коридори, како што се модерните булевари Босна Херцеговина и Христијан Тодоровски Карпош, приспособени и за пешаци и за велосипедисти. Ако покрај овие коридори го додадеме и мостот кај хотел „Русија“ како нова сообраќајна спојка на двете страни на Вардар, и следното пробивање на улицата Васко Карангелески, тогаш за неколку години може да го замислиме Скопје значително растоварено од сообраќај, многу поприспособено и за пешаци и за велосипедисти, и многу поповрзано.

Како дополнување на целиот потег на булеварот Никола Карев е и проектот за новоформиран зелен коридор по течението на река Серава, каде што е предвидена велосипедска патека, која ќе го спојува изворот во Радишани со вливот во Вардар. И овој проект ќе придонесе за внесување чист воздух во градскиот сообраќаен метеж.

 

Нема веќе – таму цвеќиња и зеленило, овде само бетон

 

Сведоци сме на многубројни критики во врска со поставување на бетонскиот ѕид на улицата Цветан Димов, со цел да се обезбеди посигурен сообраќај за сите граѓани. Јас сум пораснат на таа улица и сведок сум на разноразни шоферски дивеења кои често знаеле фатално да завршат. Може да се согласиме дека естетски гледано, ѕидот на таа улица не изгледа баш сјајно, но ако некој ме прашува секако би одбрал безбедност пред естетика, особено зашто ќерка ми и ред други дечиња ја користат таа улица секојдневно.

Оваа „несјајна“ слика нема долго да ја гледаме, затоа што конечно имаме ГРАД кој се залага за сите граѓани подеднакво. Со пробивање на втората траса на БРТ ќе се овозможи решавање и на тесното грло меѓу Чаир и Бутел и изградба на нови зелени коридори. Оваа реалност не е многу далеку од денес. Овој дел на Скопје има потреба од нови решенија затоа што во него живеат дупло повеќе граѓани од 90-тите.

Секој чекор што придонесува за поголема безбедност секогаш е поздравен од граѓаните, и таков е случајот и со бетонскиот ѕид во Чаир. Некои се потрудија да продадат приказна дека Град Скопје во едната страна на градот засадува цвеќиња, а во другата бетонизира и гетоизира. Оваа манипулација не помина кај моите драги чаирчани, затоа што луѓето веќе се свесни и гледаат што се случува околу нив.

Сведоци сме на сѐ поголемо присуство на зеленило низ целиот град, на нови зелени коридори во градот, на нов стандард на уредување на тротоари што околу себе имаат зеленило, на зелени покриви низ градот (наскоро и над „ТЦ Мавровка“), на ослободување на пешачки патеки итн.

Нешто што секогаш ќе го паметам е изреката која ни ја кажа градоначалникот Ерион Велиај при официјалната посета на Тирана. „Дури работите чесно, често ќе наидете на критики, но не запирајте, тоа е едно гласно малцинство што ќе го крене гласот на што и да сработите. Битно е да не заборавате дека од другата страна имате и едно тивко мнозинство, кое не е толку често гласно, но својот глас го крева тогаш кога е најпотребно“.

Затоа, Скопје и скопјани, наше е да работиме, а ваше е да нѐ поттикнете и да нѐ охрабрите уште толку повеќе да сработиме. Никој не успеал сам во животот и никогаш нема да успее. Дури сме заедно во оваа убава приказна наречена Скопје, знам дека Скопје ќе го биде, и како велоград и како зелен град за сите!

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот