„Сив развод“: Зошто сè повеќе луѓе се разведуваат на постара возраст?

Фото: Vadym Pastukh / Alamy / Alamy / Profimedia

Генерацијата „бејби-бум“ го опфаќа населението што е родено во периодот од 1946 до 1964 година. Луѓето од оваа генерација користеле радио и телевизија уште во своето детство, а денес се нивни најголеми консументи. Исто така, луѓето од оваа генерација сакаат да читаат весници, како навика од минатото, кога немало електронски медиуми, компјутери и интернет, пишува „Си-ен-ен“.

Каде започнува и каде завршува една генерација е определено од општествените, културните, економските и политичките настани што дадена генерација ги доживеала во различни животни периоди. Од детството до зрелоста.

Бројот на постари Американци кои живеат сами е во пораст – до 2022 година тој изнесувал 16 милиони, тројно повеќе од бројот на оние кои живееле сами во таа возрасна група во шеесеттите години на минатиот век. И како што стареат „бејби-бумерите“, се очекува тој број да расте уште повеќе.

„Отсекогаш мислев дека ќе се омажам. Јас бев воспитувана да бидам нечија сопруга и никогаш не замислував дека ќе бидам сама“, изјавила Едит Хејк, која има 72 години, а живее сама.

Фото: – / Ingram / Profimedia

Таа се занимава со уметност во Масачусетс и е една од 38-те милиони возрасни Американци кои живеат сами. Инаку, во САД, според резултатите од последниот попис, бројот на луѓе кои живеат сами достигна рекорд.

Има многу причини за ваквата статистика, а една од нив е еманципацијата на жената и односот кон бракот.

Но, она што ги изненади експертите е тоа што сè поголем број луѓе, и мажи и жени, почнаа да се разведуваат на 50-годишна возраст. Ова е таканаречениот „сив развод“.

„Ние сме задоволни од нашето истражување, кое се обиде да го опише овој феномен, нешто што порано беше ретко, а денес „сивиот развод“ е сосема нормална работа. Повеќе од една третина од луѓето кои се разведуваат во денешно време се постари од 50 години. Затоа и посветивме многу внимание на оваа популација“, изјави Сузан Л. Браун, заменик директор на Националниот центар за истражување на семејството на државниот универзитет Боулинг Грин.

Од 1990 до 2010 година, стапката на разводи кај луѓето постари од 50 години во САД е удвоена. Ова експертите го нарекоа „сивата револуција на разводот“.

„Иако стапката на разводи за целокупната популација се намалува, луѓето над 50 години му се спротивставуваат на тој тренд. Возрасните луѓе, постари од 65 години, повремено водат во статистиката на паровите кои се разведуваат. Тоа значи дека сè повеќе луѓе ќе стареат надвор од брак и во самотија“, изјави Сузан Л. Браун.

Фото: Tomas Anderson / Panthermedia / Profimedia

Зошто паровите се одлучуваат за „сив развод“?

Сузан Мајрес, адвокатка за развод на брак од Хјустон, истакнува дека е нелогично некои луѓе да го прекинат бракот во подоцнежните години, особено затоа што брзаат кон безбедна старост, каде што може да дојде до болест или смрт.

Но, Мајерс вели дека низ годините слушнала најразлични причини зошто луѓето се разведуваат.

„Некои од постарите луѓе, кои иницираат разводи, чувствуваат дека едноставно премногу се оддалечиле од своите сопружници, додека некои претрпеле злоупотреба или откриле шокантни престапи. Сите тие, вклучително и некои клиенти во нивните 80-ти, се чувствуваат како сите години од нивниот живот да се премногу драгоцени за да ги поминат со погрешна личност“, истакна адвокатката.

„Сивиот развод“ не е единствената причина зошто постарите Американци живеат сами.

„Некои луѓе кои поминуваат низ ‘сив развод’ повторно стапуваат во брак, а некои се преселуваат кај нов партнер или други членови на семејството. Во првите неколку години по ‘сивиот развод’, половина од луѓето остануваат сами да живеат“, рече Браун.

Фото: Renaud Philippe / Panthermedia / Profimedia

Таа посочува дека има многу постари луѓе кои живеат сами, а никогаш не биле во брак или ги изгубиле сопружниците. Но, тие не се осамени.

„Многу студии покажуваат дека луѓето кои се сами (без партнер) имаат поголема веројатност да останат во контакт со своите пријатели, роднини и соседи отколку луѓето кои се во брак. Ова е токму спротивното од стереотипот“, вели Сузан Л. Браун.

Маркус Шафер, вонреден професор по социологија на Универзитетот Бејлор кој го проучува стареењето и здравјето, го нарекува тоа „двостран феномен“.

„На многу луѓе им е привлечно да бидат самостални, бидејќи така нема да имаат секојдневни расправии за неважни работи. Но, од друга страна, истражувањата откриваат многумина се многу осамени“, вели професорот Шафер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот