Сите сакаат избори – опозицијата без, власта со уставни измени

Локални избори 2021, втор круг / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

ВМРО-ДПМНЕ инсистира на брзи предвремени избори, додека власта на редовни идната година, освен ако опозицијата во меѓувреме не ги изгласа уставните измени, кои се услов за да продолжат преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе работи единствено на тоа да се случат брзи – ако е можно и во октомври – предвремени парламентарни избори, заклучил Извршниот комитет, откако измените на Уставот ги смета за затворено прашање. Власта, пак, останува на ставот дека уставните измени не се поврзани со мандатот на Владата и тврди дека изборите ќе се одржат во редовниот термин – идната година во јули. Предвремени избори се опција и за власта само под услов прво да се случат уставните измени за да бидат запишани Бугарите во Преамбулата, што е услов земјава да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.

Откако измените на Уставот заглавија во Собранието бидејќи власта нема двотретинско мнозинство (ѝ недостигаат 7-8 пратеника), притисокот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори ќе се зголемува. Но, и на опозицијата ѝ недостигаат исто толку пратеници за да собере 61, мнозинство што може да го распушти Собранието. Оттука, останува неизвесно е ни дали власта ќе ги протурка измените на Уставот, па ќе распише избори, ниту, пак, дали опозицијата ќе издејствува брзи избори.

– Легитимитетот на власта на СДСМ и ДУИ, не само во однос на уставните измени, туку и во врска со економијата, со образованието, со пензионерите, студентите, стопанството… е целосно нарушен. Тие не нудат решенија, туку создаваат повеќе проблеми. И затоа сметаме дека излезот од ваквата состојба би биле предвремени парламентарни избори во текот на оваа година – изјави пратеникот Антонио Милошоски по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата ќе настојува изборите да бидат со договор помеѓу сите партии, тие да се одржат најбрзо што може, како и во најкус рок да се направат потребните измени и дополнувања на Изборниот законик во делот на препораките од ОБСЕ и од ОДИХР.

Функционери од опозициската партија брифираат дека се за избори есенва. Ако во почетокот на септември има договор со власта, тогаш според законските рокови, од распуштање на Собранието до избори треба да има најмалку 60 дена, што значи дека предвремените би можеле да се одржат најрано на крајот на октомври или во почетокот на ноември. Но, ова е тешко изводливо доколку ВМРО-ДПМНЕ не убеди ниту една партија од власта, бидејќи за да стаса до 61 пратеник за распуштање на Собранието, на целата опозиција ѝ фалат седум пратеници: ВМРО-ДПМНЕ има 44, Левица два, еден Беса, тројца (или двајца) Алтернатива, тројца од Демократско движење и еден Демократскиот сојуз на Павле Трајанов).

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да бара средба со премиерот Димитар Ковачевски на тема избори, туку контактите со власта за консензус ќе бидат на други нивоа. Опозицијата смета дека власта е делегитимирана, откако не успеа да обезбеди мнозинство за уставните измени и дека ситуацијата во Собранието ќе биде неодржлива за Владата да го истурка мандатот до крај.

Засега нема одлука дали опозицијата за предвремени избори ќе притиска и преку протести, но велат дека сè е во игра. Клучот за брзи избори го гледаат во ДУИ или во Алијанса за Албанците. И инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш да ги стави на гласање уставни измени е во контекст да се издејствуваат предвремени избори со клучен аргумент дека Владата не може да го испорача ветеното – почеток на преговори со ЕУ.

Од власта остануваат на ставот дека изборите ќе бидат во редовниот термин, ако опозицијата во меѓувреме не ги изгласа уставните измени.

– Отворањето на Уставот го поддржа и Европската комисија, чија претседателка Урсула Фон дер Лајен упати јасна, силна порака дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ. СДСМ нема да се откаже од европската агенда. Заедно со граѓаните, со европскиот блок, ќе сториме сè државата да стане членка на ЕУ – вели Дарко Каевски пратеник и портпарол на СДСМ.

И владејачките ДУИ и Алијанса за Албанците велат дека нема шанси за предвремени избори, ниту, пак, имаат намера на Мицкоски да му обезбедат мнозинство за распуштање на парламентот. Власта се надева дека ќе се засили притисокот од меѓународните претставници врз ВМРO-ДПМНЕ за уставните измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот