Што прави денеска: Маја Аргакијева, фотографка

Маја Аргакијева/Приватна архива
Маја Аргакијева/Приватна архива

Маја Аргакијева е наша позната фотографка, чија љубов за фотографирање потекнува од нејзините средношколски денови. Во 2003 година се зачленила во фотоклубот „Елема“ од Скопје, каде што ги продлабочува своите знаења. Учествувала на бројни домашни и меѓународни изложби по фотографија, на кои освоила повеќе награди и признанија.
Maja низ кадарот на своето секојдневие ни раскажа како ѝ поминува еден ден.

„Секој ден ми е различен и го започнувам во различно време. Зависи од тоа која смена се децата на училиште, дали сум останала пред компјутер до доцна во ноќта обработувајќи фотографии и дали имам фотографирање наутро.
Оваа недела децата се прва смена, па се будам околу 6.30 – 7 часот. Ги испраќам на училиште и започнувам со моите утрински ритуали. Најпрво, топла вода со лимон. Овој месец следам точно определен план на исхрана и вежби, па внимавам на тоа колку и каква храна внесувам.
Доколку немам фотографирање наутро, вежбам јога и ги правам секојдневните физички вежби. Потоа следи туширање, па работа пред компјутер. Кога немам фотографии што се итни за средување, а времето е сончево, одам на Водно. Уживам кога сум во природа и се обидувам да сум таму барем еднаш или двапати во неделата.

Маја Аргакијева/Приватна архива
Маја Аргакијева/Приватна архива

Вторник. Денес одлучувам да си земам слободен ден. Децата завршија порано со училиште, па со ќерка ми Каја отидовме во чаршија, пешки по кеј, за да купиме материјали за фустан за маскенбал. Денот беше прекрасен и сончев, уживавме и двете во оваа прошетка. Ретко се случува да сум излезена само со едно дете, обично секаде одиме заедно, но овој пат Веда повеќе сакаше да си игра со другарчињата од училиште.
Се прибравме дома, направиме јадење, следи мојот вечерен онлајн час по јога.
Четврток. Ги испраќам децата и легнувам малку да доспијам, затоа што сум легнала пред три часа. Во 9.00 ме буди телефонски повик со една фантастична вест, која нема да ја откријам сега. Станувам радосна, се заблагодарувам за ова прекрасно утро и овој ден што ми е даден. Се подготвувам и одам во Филхармонија, да направам неколку фотографии од генералната проба за вечерниот концерт. Таму имам прилика да го запознаам и фотографирам Калеви Ахо, еден од најпознатите современи композитори. Се потсетувам уште еднаш колку сум среќна што ја работам оваа работа, затоа што ми дава можност често да запознавам фасцинантни луѓе.

Маја Аргакијева/Приватна архива
Маја Аргакијева/Приватна архива

Се враќам дома и веднаш седнувам да средам неколку од фотографиите, за да се објават пред да почне концертот. Завршувам со тоа, правам брз ручек/вечера и се подготвувам повторно да одам во Филхармонија. Уживам на концертот, фотографирам, медитирам.
Се враќам дома, ги бакнувам децата за добра ноќ, седнувам пред компјутер, ставам слушалки на уши, пуштам некое предавање или музика која ме опушта, а тоа се најчесто мантри и започнувам со обработка на фотографиите. Ноќта е целосно моја.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот