Што прави денеска: Ана Мартиноска, професорка, научник и активистка

Ана Мартиноска
Ана Мартиноска / Фото: Приватна архива

Ана Мартиноска е професорка, посветен научник во областа на фолклорот, литературата и културата. Пишува колумни со родова и културолошка тематика, феминистка е и активистка за родова еднаквост.

Работи како научен соработник на Институтот за македонска литература и како професор по културолошки студии по литература во истиот институт. Била дел од бројни конференции од областа на фолклорот, литературата и културолошки студии насекаде низ светот.

Оваа исклучителна жена ни откри како изгледа еден нејзин ден.

„По седум и кусур години, син ми конечно има нов ритам на спиење, кој последниве неколку месеци ми овозможува 45 минути осама наутро. Одамна не сум уживала толку во тишината! Првото кафе го пијам сама, со книга в рака, како креативен вовед во денот. Денеска изборот е на нигериската писателка и феминистка, Чимаманда Нгози Адичи, со нејзината книга „Половина од жолтото сонце“. Но, штом Јон ги отвори очите, следува редовниот ритуал на галење и скокоткање кој ми ги полни батериите за цел ден.

Ана Мартиноска
Ана Мартиноска / Фото: Приватна архива

Книгите се мојот магичен, но и мојот професионален свет. Се чувствувам неизмерно благодарна што имам работа во која нема простор за рутина, а секој ден е одново поттикнувачки. И по 26 години работа сѐ уште имам нестивнат ентузијазам за предавањата, испитите и менторските консултации со постдипломците и докторантите, но и за предизвиците на научните истражувања. Наспроти осаменичката димензија која е неопходна за пишувањето трудови и книги, мојата ведра природа се радува на сите бучни и инспиративни средби со колегите врзани за заеднички проекти, научни конференции и милион други убави нешта што нѐ врзуваат и професионално и приватно.

„Баба сервисот“ е незаменлив за темпото на современите семејства, особено во време на пандемија. Балансирањето на семејните и професионалните обврски во денот честопати е со исцрпувачко темпо, и покрај помошта од мајка ми. Во работните денови, и јас и сопругот Блерим водиме трка со времето, за вечерта да си го најдеме семејниот мир среде хаосот од диносауруси, пластелини и цртани филмови од една, и нашите книги, Нетфликс серии и музика од 80-те од друга страна, што обично завршува со вечната дебата за тоа кој има поавангарден вкус во уметноста.

Викендите носат поинаква динамика. Додека маж ми пазари со велосипед (по избор, а не по нужност), моите саботни утра се резервирани за кафе-дружба со сестра ми Миа и нејзините две ќерки (од кои едната во живо, а другата преку видеоповик заради постдипломските студии во Будимпешта). Живеењето во семејна куќа има свои предности во цементирање на блискоста во односите.

Ана Мартиноска
Ана Мартиноска / Фото: Приватна архива

Во остатокот од времето, Јон и неговите детски потреби ми се апсолутен приоритет. Сопругот и јас се обидуваме да го следиме неговото хиперактивно темпо и интересот за игра. Неделите најчесто се одредени за прошетки во природа, полнети пиперки и колач со јаболка по тајниот рецепт на Димитрис (се смее). Меѓу прошетките на Кале, покрај Вардар или кај драгите пријатели со најрелаксирачки двор во Соње, се протнува мирисот на нашите омилени кулинарски рецепти, па како типичен Бик, наоѓам време и задоволство во бавното, мераклиско готвење на домашна храна. Ручекот е повеќе од ритуал за храна и добро вино, тој е и арена за разговори низ кои ги биеме битките за политиката, поезијата, воспитувањето на децата и феминизмот (се смее).

Во тој наш безбеден интимен меур, кој барем на кусо нѐ отргнува од суровата реалност на времето во кое живееме, сѐ уште ми недостасува дружењето со пријателите. За жал, уште сме прилично рестриктивни во однос на групните дружења, како и за јавните културни настани, кои некогаш ми беа речиси секојдневно темпо, но со нетрпение ја очекувам пролетта и надежта што ја ветува… Со една таква надеж, периодов го промислувам концептот за промоцијата на мојата нова книга „Книжевноста низ критичка визура“, планирана за оваа пролет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот